27 АПРИЛ, МОНТАЖА ИЛИ ПРАВДА?! Време е да паднат маските!
По вчерашната прес-конференција на дел од осудените во случајот, како и по изјавата на судија поротник, истрагата не смее да застане тука. Мора јасно да се утврди дали постоеле налогодавачи и инспиратори и на самиот настан, и на евентуалното влијание врз текот на постапката, квалификацијата на делото и одредувањето на висината на изречените казни.
Девет години по 27 април 2017, Македонија сѐ уште не ја затворила оваа страница, не затоа што нема пресуди, туку затоа што нема доверба дека правдата навистина е постигната. Овој случај не е само правно прашање, туку пред се прашање за тоа дали системот служи на правдата или на нечија волја.
Кога сведок тврди дека лажно сведочел, кога поротник јавно се дистанцира од пресуда, кога се споменуваат притисоци и договори, тоа веќе не е политичка дебата. Кога луѓе што биле дел од процесот јавно го доведуваат во прашање, тогаш институциите немаат право на молк туку имаат обврска да одговорат. Тоа е тест за системот. Тест дали институциите имаат капацитет и храброст да ја бараат вистината до крај, без разлика каде и кон кого води.
Правдата не се брани со изјави на прес-конференции на едните или другите, туку со докази. Правдата не се гради со наративи, туку со факти што можат да издржат секоја проверка. Сѐ друго е ризик за довербата во системот.
Затоа денес не е момент за реторика, туку за сериозна институционална работа: систематско, неселективно и транспарентно собирање на секој релевантен доказ: комуникации, вештачења, сведочења, записници и др. Секој детал мора да се провери. Секоја сомнителна околност да се расчисти.
По вчерашната прес-конференција на дел од осудените во случајот, како и по изјавата на судија поротник, истрагата не смее да застане тука. Мора јасно да се утврди дали постоеле налогодавачи и инспиратори и на самиот настан, и на евентуалното влијание врз текот на постапката, квалификацијата на делото и одредувањето на висината на изречените казни. Кој ги носел одлуките? Кој давал насоки? Кој имал интерес? Овие прашања не смеат да останат без одговор, без разлика од која страна доаѓаат. Без утврдување на одговорност по вертикала од извршители до евентуални налогодавачи вистината останува половична.
Доколку се утврди дека такви нешта постоеле, тогаш нема место за половични решенија. Следува максимална одговорност за секој што учествувал, наредил, прикрил или дозволил такво нешто, без разлика на функцијата, позицијата или времето кога тоа се случило.
Правдата што не казнува злоупотреба престанува да биде правда.
Затоа нема простор за недореченост, ниту за сомнеж во новите докази, ниту за обиди за нивно дискредитирање. Секое избегнување на целосна проверка отвора простор за нови сомнежи а тоа е најголемата слабост на секој правен систем. Секој сомнеж, секој доказ и секоја изјава мора темелно да се проверат и да се затворат со факти.
Повторувањето на постапката не е слабост на државата. Напротив, тоа е доказ дека системот има капацитет да се коригира со цел да се дојде до правдата. Но таа можност не смее да се темели на шпекулации, туку на незоборливи докази, такви што ќе издржат судска проверка, домашна и меѓународна.
Македонија нема луксуз да живее со вечни сомнежи за еден од најтешките случаи во својата понова историја. Затоа вистината мора конечно и недвосмислено да се утврди. Трет пат нема.
Затоа денес не треба да прашуваме „кој победи“, туку кој постапувал по туѓи налози, кој ја нарушил или дали и зошто ја нарушил правдата. Сега е моментот да покажеме дека сме подготвени да изградиме систем во кој правдата никогаш повеќе нема да зависи од притисок, договор или страв. Вистината мора да се утврди. Одговорност мора да има. И тоа целосна и максимална.
Во овој контекст, не може да се игнорираат ни пораките што ги упати поранешната обвинителка Вилма Русковска, како одговор на поднесената кривична пријава против неа од страна на дел од осудените, кон премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за пораки кои кај еден поголем дел од јавноста беа доживеани како притисок да се откаже и од барањето за правда и од сомнежите што ги изнесе за текот на процесот, отворајќи сериозни дилеми за односот меѓу политиката и правосудството.
Се создава впечаток дека се игнорира човечката димензија – дека зад обвиненијата и изречените пресуди стојат уништени животи, растурени семејства, изгубени години и луѓе кои прерано заминаа од овој свет, додека од другата страна имаме привилегирани и луѓе кои напредуваа во кариерата токму врз овие судбини.
Затоа, ако вистината не се утврди денес, сомнежот ќе остане и утре, а тоа е најлошата пресуда за едно општество. Ова не е прашање на политика, туку на одговорност.
А кога станува збор за одговорност, не смее да има заштитени и привилегирани.јове