ПО ДОЈАВА НА ФБИ ПРИВЕДЕНИ ДВАЈЦА ОНЛАЈН ИЗМАМНИЦИ ОД ТЕТОВСКО Завртеле повеќе од 500.000 долари

Онлајн пазарот бил активен од јули 2023 година и функционирал преку повеќе интернет домени, содржел детална база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на клиенти и продавачи, при што биле евидентирани над 2.600 кориснички сметки и над 1.500 сметки на продавачи.

252

Лишени од слобода се двајца администратори на нелегален онлајн пазар по дојава на ФБИ, соопшти полицијата.

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, постапувајќи по првично добиени информации од ФБИ, спроведе заедничка координирана истрага поврзана со нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“. Според обезбедените сознанија, онлајн пазарот бил активен од јули 2023 година и функционирал преку повеќе интернет домени и содржел детална база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на клиенти и продавачи, при што биле евидентирани над 2.600 кориснички сметки и над 1.500 сметки на продавачи. Вкупната продажна вредност на артиклите надминува 500.000 американски долари.

Во рамки на постапката, а врз основа на судска наредба издадена од Основен суд Тетово, извршен е претрес на територија на Општина Тетово, село Голема Речица кај осомничените А.Е. (20) и А.И. (23), македонски државјани, за кои постојат основани сомненија дека се администратори на наведениот онлајн пазар. При извршување на претресот тие се затекнати на лице место во вршење на кривично дело за кое се сомничат и при тоа се одземени десктоп компјутери, лаптоп компјутери и телефони кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и ќе послужат како доказ во кривичната постапка.

Секторот за компјутерски криминал соопшти дека продолжува со преземање мерки и активности за целосно расчистување на случајот, во насока на идентификација на сите инволвирани лица и обезбедување релевантни докази, согласно важечките законски прописи.

Поврзани содржини