ЕВРОПА ЛЕТОВО НЕМА ДА ОСТАНЕ БЕЗ КЕРОЗИН Шефот на „Визер“ најавува експанзија на летови од Балканот и од Кавказ
Според првиот човек на „Визер“, цената од 1.500 долари по тон за керозинот е доволен мотив танкерите да го испорачаат од САД.
Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ планира 17% повеќе летови ова лето отколку минатата година, со фокус на раст на пазарите на Балканот и Кавказот, изјави извршниот директор Јожеф Варади.
– Оваа година сме многу посилни во летните резервации отколку минатата година. Зштитивме 70% од своите потреби за гориво за авиони во претстојната летна сезона од скокот на цените на горивата – рече Варади.
Шефот на „Виз Ер“ верува дека Европа нема да остане без гориво за авиони ова лето.
– Цената од 1.500 долари по тон е доволен мотив танкерите да го испорачаат од САД и со тоа да го компензираат намаленото снабдување од Блискиот Исток – тврди шефот на „Виз Ер“.
Компанијата, сепак, спроведе бројни мерки за да ги намали трошоците на минимум.
– Но не можеме да направиме многу кога станува збор за цените на билетите -рече тој.
Цените на керозинот би можеле да останат високи со месеци по завршувањето на војната, признава шефот на унгарскиот превозник.
Можеби сега е вистинското време Европа да ја преиспита својата зависност од снабдувањето со гориво од Блискиот Исток, вели тој, особено имајќи предвид дека кризата би можела да резултира со уште пообемни прекини на транспортните капацитети оваа есен.
Превозниците стравуваат од можен недостиг на гориво ако продолжи војната меѓу САД и Израел против Иран.