„МУ ТЕЧЕШЕ КРВ ОД РАМОТО, РЕЧЕ РАНЕТ СУМ, НО ЛЕСНО, БЕШЕ БЛЕД, НЕ ГО ВИДОВ ПОВЕЌЕ“ Сеќавање за смртта на Никола Карев на денешен ден во 1905 година

Од споменатите новински извештаи и сеќавањата на непосредните учесници, се наметнува заклучокот дека борците биле предадени и тоа, уште пред нивното пристигнување во селото.

308

На денешен ден во 1905 година во близина на кратовското село Рајчани загина Никола Карев, македонски револуционер, војвода, учесник во Илинденското востание и претседател на Крушевската Република.

Во октомври 1903 година, Главниот штаб на Битолскиот револуцинерен округ издал наредба за официјалното прекинување на Илинденското востание и распуштање на единиците.

Никола Карев со своите соборци на 23 октомври 1903 година (10 октомври по стар стил) се собрале на месноста „Крвава Вода“, над селото Сланско и оттаму … преку Порече, Скопско и Србија, се упатиле за Бугарија и кон средината на ноември 1903 година, Карев пристигнал во Софија, таму каде што се собрале и сите раководители и постарите борци кои не можеле да се легализираат во Мекедонија.

Бидејќи не можел легално да се врати во својата татковина Македонија и своето родно Крушево, со доаѓањето на пролетта 1905 година Никола Карев одлучил да формира чета со која нелегално ќе се врати во Македонија за да ја продолжи борбата за конечно ослободување на Македонија.

„На 14 април (по стариот календар, н.з.), Велики четврток утрото, како последица од предавство, се случи крвава борба во с. Рајчани (Кратовско) меѓу соединетите чети на Петар Ацев и Никола Карев – од една страна и многуброен аскер – од друга“, пишува во софискиот „Македонски преглед“ од август 1903 година.

Така започнало тоа последно утро за Никола Карев и неговите соборци.

Од споменатите новински извештаи и сеќавањата на непосредните учесници, се наметнува заклучокот дека борците биле предадени и тоа, уште пред нивното пристигнување во селото. Никогаш не се открило кој го извршил предавството, како и во многу други случаи.

Седумчасовниот смртоносен дожд од куршуми од сите страни кој започнал во 7 часот утрото, завршил во 14,30 часот, на Велики четврток, на 27 април 1905 година.

Преживеаниот од оваа битка Марко Христов Мирче се сеќава:

„Ги исфрлија бомбите и сите до еден беа убиени. Карев беше ранет уште во почетокот на борбата. Му се приближив, иако и јас бев ранет, крв течеше и се разлеваше од десното рамо. ‘ранет ли си!?’, ‘Да, но лесно!’ Беше блед … не го видов повеќе“.

Така, прерано завршил животот на водачот на крушевското Илинденско востание, и претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Македонската револуционерна организација изгубила еден од своите најдисциплинирани и најисполнителни организациони кадри, а Македонија и еден од своите најголеми синови. Имал само 27 години!

(При изготвувањето на текстот е користена монографијата на Кочо Топузоски „Никола Карев 1877 – 1905 – Патешествија низ документи“, „Матица македонска“, Скопје, 2008)

Поврзани содржини