САД НЕМА ДА СЕ ВРАТАТ КОН ЕВРОПА, ТОА Е ЗАВРШЕНО Европската Унија ќе мора да научи да живее сама
За Германците и Британците е многу тешко да замислат западен свет без САД, вели поранешниот француски претседател Франсоа Оланд.
Европската Унија треба да научи да живее „сама“ и повеќе да не се потпира врз Соединетите Американски Држави, дури и по заминувањето на Доналд Трамп од власт, изјави поранешниот француски претседател Франсоа Оланд.
Оланд се заложи за брза изградба на засилени европски одбранбени сили, фокусирани околу неколку земји кои се подготвени да го спроведат тоа.
– Ќе мораме да живееме сами, Европа сама. За Германците и Британците е многу тешко да замислат западен свет без САД – оцени Оланд.
Тој додаде дека не треба да се верува дека САД ќе се вратат кон Европа како порано, кога Трамп повеќе нема да биде претседател.
– Тоа е завршено – рече поранешниот претседател на Франција.
Политичарите, но и граѓаните, треба да замислат свет во кој повеќе не сме сојузници со САД, потенцира тој.
– Дури и ако демократски претседател, што би било пожелно, дојде на власт, нема да биде ништо попопустлив ниту поподдржувачки – смета Оланд, кој беше претседател пред актуелниот француски лидер Емануел Макрон.