ИЏЕ НЕ ЗАСТАНУВА! ПО ПОДИУМ ВО ЧЕШКА, СЛЕДИ ПЕКОЛ ВО ГЕРМАНИЈА Македонецот тргнува во нова европска битка

По освоеното трето место во Чешка, Игор Стефановски се соочува со технички предизвици и чека одлука на FIA пред стартот на легендарната трка „Glasbachrennen“ во Германија.

0

Трикратниот европски шампион во автомобилизам, Игор Стефановски – Иџе, овој викенд ќе настапи на легендарната трка „Glasbachrennen“ во Германија, по исклучително тежок викенд во Чешка, каде што успеа да се искачи на подиум и да го освои третото место.

Стефановски истакнува дека и покрај успехот, викендот бил исполнет со големи предизвици, особено по силниот удар што го претрпел на првото возење во Чешка, чии последици сè уште се чувствуваат.






„И покрај огромниот напор на мојот тим, автомобилот не е целосно вратен во состојбата во која беше пред инцидентот. Работевме ден и ноќ за да го подготвиме што е можно подобро за настапот во Германија“, вели Стефановски.

Тој додава дека пред самиот старт најважен чекор ќе биде одлуката на техничката комисија на FIA.

„Во овој момент, најважно е FIA по деталната проверка во петок да ни даде зелено светло за настап. Тоа е првата и најголема битка пред да излеземе на патеката“, истакнува македонскиот шампион.

Стефановски нагласува дека тимот прави максимални напори да биде конкурентен, иако трката во Германија ќе биде една од најтешките сезонава.

„Се надевам дека сè ќе биде во ред и дека ќе се бориме за добар резултат. Ова ќе биде голем предизвик и за мене и за целиот тим“, додава тој.

По завршувањето на трката во Германија, автомобилот ќе биде испратен во Ферари во Италија на целосен технички преглед и санација.

„Никогаш не се предаваме. Кога е најтешко, тогаш се гледа карактерот на шампионите“, порачува Стефановски.

Поддршка за македонскиот шампион повторно пристигнува и од тимот на Видеолотарија Касинос Австрија, кои повеќе од една деценија стојат зад неговите успеси.

Поврзани содржини