📷 ЗАПОЧНУВА СВЕТСКОТО ФУДБАЛСКО ПРВЕНСТВО, СО СИТЕ ИЗГЛЕДИ ДА БИДЕ ИСТОРИСКО Рекорден број селекции, 104 натпревари и „последен танц“ за Меси и Роналдо
Драматика на ова Светско првенство му додадава и позицијата на репрезентацијата на Иран, која се закани дерка ќе го напушти првенството и среде натпревар, доколку биде изложена на провокации и омаловажувања.
Со свечено отворање, вечерва почнува 23. Светско фудбалско првенство, особено по многу нешта. Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе биде прво во историјата кое ќе се одржи во три држави – САД, Канада и Мексико, наместо во една земја домаќин. Единствен преседан досега беше турнирот во 2002 година, кога домаќини беа Јапонија и Јужна Кореја.
Турнирот ќе вклучи 48 репрезентации, значително повеќе од 32-те селекции на Светското првенство во Катар во 2022 година. Вкупниот број натпревари ќе изнесува 104, наспроти 64 на претходниот шампионат. Натпреварите ќе се играат во три земји и дури во 16 градови домаќини.
Иако трите земји традиционално имаат добри односи, тие се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот втор мандат. Неговите закани за анексија на Канада како „51-ва сојузна држава“ и трговските царини ја нарушија атмосферата меѓу двата сојузника. Односите со Мексико се дополнително затегнати поради прашањата поврзани со заедничката граница и најавите за можна употреба на воена сила против наркокартелите.

ФИФА ветува досега невиден спектакл
ФИФА и нејзиниот претседател Џани Инфантино ветуваат спектакл каков што светот сè уште не видел, но зад гламурот и големите бројки стојат многу прашања и предизвици.
Уште од самиот почеток, рекордните цени на билетите, логистичките проблеми, компликациите со визите за поединечните национални тимови и навивачите, како и политичките тензии што го придружуваат најголемиот спортски настан на планетата, го привлекоа вниманието на јавноста.
Организаторите истакнуваат дека сè ќе падне во втор план кога топката ќе тргне од центарот, но многумина веруваат дека ова е Светско првенство кое е веќе поголемо од самиот фудбал.
Отворањето е закажано за вечерва, 11 јуни во Мексико Сити, со натпревар меѓу Мексико и Јужна Африка.
Повеќе групи, повеќе дебитантни репрезентации
Наместо осум групи, ќе има 12 групи со по четири екипи. Првите две од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани селекции, ќе се пласираат во новововедена нокаут-фаза од 32 екипи. Финалето ќе се игра во Њујорк/Њу Џерси на 19 јули
Поголемиот број учесници овозможува дебитантски настапи за репрезентации како Зелено’ртските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан. Сепак, критичарите предупредуваат дека зголемувањето на бројот на тимови може да влијае врз квалитетот на играта.
Сепак, она што никој не може да го оспори е дека светот ќе живее за фудбал во следните пет недели. Најголемите ѕвезди на денешницата ќе истрчаат на теренот.

Уште еден „светски дуел“ на Меси и Роналдо, веројатно последен
Актуелниот шампион Аргентина, предводена од Лионел Меси, ќе се обиде да ја одбрани титулата, Кристијано Роналдо ќе ја бара последната голема можност за светската круна, Англија сонува да стави крај на шестдецениското чекање, додека бројни аутсајдерски екипи ќе се обидат да напишат своја бајка.
ФИФА очекува рекордни приходи, рекордна гледаност и рекордна заработка. Само за учество на турнирот, националниот тим ќе добие десетици милиони долари, додека вкупните приходи на организацијата ќе достигнат невидени бројки.
Поради сето ова, многумина веќе го нарекуваат ова Светско првенство „Светско првенство на повеќе“ – повеќе натпревари, повеќе пари, повеќе публика, повеќе патувања и повеќе внимание од кога било досега.
Дали ќе биде и најдоброто Светско првенство во историјата, одговорот ќе го даде теренот. Едно е сигурно: од 11 јуни до 19 јули, фудбалскиот свет ќе биде центар на планетата.
Иран подготвен да си замине среде натпревар?
Дополнителна неизвесност предизвикува и учеството на Иран, кој се квалификуваше за своето седмо Светско првенство. По неизвесноста и можниот бојкот, иранците сепак решија да допатуваат на првенството, но со значителни резерви. Иранските власти се заканија дека нивната фудбалска репрезентација би можела да ги прекине натпреварите доколку на трибините се појават неовластени знамиња или се упатуваат пораки насочени против националниот тим. Техеран веќе ја информирал ФИФА за својот став пред почетокот на турнирот.

„Ја известивме ФИФА дека, доколку на стадионите каде што настапува Иран бидат внесени неофицијални знамиња или се скандираат слогани против националниот тим, тим-менаџерот ќе побара прекин на натпреварот“, изјавил претставник на Иранската фудбалска федерација.
Иран ќе го отвори настапот во Групата Г на 15 јуни против Нов Зеланд во Лос Анџелес. Следува дуел со Белгија на 21 јуни, исто така во Лос Анџелес, додека последниот меч од групната фаза ќе го одигра против Египет на 26 јуни во Сиетл.
Нови правила и контроверзи
ФИФА воведе задолжителни паузи за хидратација на сите натпревари – две паузи од по три минути, по околу 22 минути игра во секое полувреме, без разлика на временските услови.
Досега, вакви паузи беа дозволени само ако температурата надминуваше 31 степен Целзиусови. Новата одлука е поврзана со загриженоста за високите температури во некои од градовите домаќини.
Овие паузи, истовремено, им овозможуваат на телевизиските куќи да емитуваат реклами, што практично ги дели натпреварите на четири дела, слично како во кошарката и американскиот фудбал.

Првенството, големо безбедносно прашање
Покрај спортските новини, се отвораат и прашања за човековите права. Извештај на „Амнести интернешнел“ предупредува на „значајни ризици“ за навивачите, играчите, новинарите и локалните заедници, особено во САД.
Во Мексико, властите веќе мобилизираа околу 100.000 безбедносни службеници поради високото ниво на насилство. Во Канада, пак, постои загриженост дека бездомниците може дополнително да бидат маргинализирани во градовите домаќини како Ванкувер и Торонто.
Трошоците за патување и билети се уште една спорна тема. Големите растојанија меѓу градовите, како Ванкувер и Мајами, кои се оддалечени повеќе од 4.500 километри, го прават патувањето скапо дури и за навивачите од Северна Америка.
