104 НАТПРЕВАРИ, 48 РЕПРЕЗЕНТАЦИИ И ЕДЕН СВЕТСКИ ПРВАК Стартува Мундијалот, еден месец светот ќе дише за фудбал

Рекордни 48 репрезентации, 104 натпревари и 16 стадиони во три земји ќе понудат повеќе од еден месец фудбалски спектакл, кој ќе кулминира со финалето во Њујорк на 19 јули.

0

Со натпреварот меѓу Мексико и Јужна Африка, вечерва во 21 часот ќе биде отворено 23. Светско првенство во фудбал, најголемото во историјата на Мундијалите. Фудбалската еуфорија ќе трае повеќе од еден месец, а завршницата е закажана за 19 јули, кога во Њујорк ќе се одигра големото финале.

За првпат во историјата, Светското првенство ќе се одржи во три земји – САД, Канада и Мексико. Натпреварите ќе се играат на 16 стадиони, а на турнирот ќе настапат рекордни 48 репрезентации со вкупно 1.248 фудбалери.






Љубителите на фудбалот ќе уживаат во дури 104 натпревари – најмногу досега на едно Светско првенство. Никогаш досега немало повеќе селекции и повеќе фудбалски спектакли во борбата за најпосакуваниот трофеј.

Титулата освоена пред четири години во Катар ќе ја брани Аргентина, додека своето деби на најголемата светска сцена ќе го имаат Курасао, Зеленортските Острови, Узбекистан и Јордан.

Бразил останува најтрофејната репрезентација со пет светски титули. Германија и Италија имаат по четири, Аргентина три, Франција и Уругвај по две, а Англија и Шпанија по една светска круна.

Репрезентациите се поделени во 12 групи:

А-група: Мексико, Јужна Африка, Јужна Кореја, Чешка

Б-група: Канада, БиХ, Катар, Швајцарија

Ц-група: Бразил, Мароко, Хаити, Шкотска

Д-група: САД, Парагвај, Австралија, Турција

Е-група: Германија, Курасао, Брегот на Слоновата Коска, Еквадор

Ф-група: Холандија, Јапонија, Шведска, Тунис

Г-група: Белгија, Египет, Иран, Нов Зеланд

Х-група: Шпанија, Зеленортските Острови, Саудиска Арабија, Уругвај

И-група: Франција, Сенегал, Ирак, Норвешка

Ј-група: Аргентина, Алжир, Австрија, Јордан

К-група: Португалија, Конго, Узбекистан, Колумбија

Л-група: Англија, Хрватска, Гана, Панама.

Во нокаут-фазата ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од секоја група, како и осумте најдобро третопласирани селекции.

Натпреварите ќе се играат во 16 градови домаќини

Во САД тоа се: Њујорк, Далас, Лос Анџелес, Атланта, Сан Франциско, Сиетл, Филаделфија, Хјустон, Мајами, Бостон и Канзас Сити.

Мексико ќе биде домаќин во Мексико Сити, Монтереј и Гвадалахара, додека Канада ќе ги организира натпреварите во Торонто и Ванкувер.

Стадионите на кои ќе се игра Мундијалот се: „МетЛајф“ во Њујорк, „АТ&Т“ во Далас, „Софи“ во Лос Анџелес, „Мерцедес-Бенц“ во Атланта, „Левис“ во Сан Франциско, „Лумен Филд“ во Сиетл, „Линколн Фајненшл Филд“ во Филаделфија, „НРГ“ во Хјустон, „Хард Рок“ во Мајами, „Џилет“ во Бостон, „Ароухед“ во Канзас Сити, „Ацтека“ во Мексико Сити, „ББВА“ во Монтереј, „Акрон“ во Гвадалахара, „БМО Филд“ во Торонто и „БЦ Плејс“ во Ванкувер.

Следува повеќе од еден месец исполнет со голови, драми, солзи, изненадувања и нови херои. Светот повторно ќе живее за фудбал, а на 19 јули во Њујорк ќе го добиеме новиот светски шампион.

Поврзани содржини