📽️ САД УДРИЈА ВТОРА НОЌ ПО РЕД, ИРАН СЕ ЗАКАНИ „Ќе го претвориме регионот во пекол“

ЦЕНТКОМ соопшти дека американските сили погодиле воени цели низ Иран како одговор на, како што наведуваат, континуираната иранска агресија. Техеран возврати со закани поврзани со Ормускиот Теснец, додека Вашингтон тврди дека бродскиот сообраќај се одвива нормално.

0

САД извршија нов бран напади врз Иран втора ноќ по ред, а според американската војска цел биле воени капацитети за надзор, комуникациски системи и позиции на противвоздушната одбрана.

ЦЕНТКОМ соопшти дека во операцијата биле вклучени сили на Маринскиот корпус, Воздухопловните сили и Морнарицата на САД. Во нападите била употребена прецизно наведувана муниција врз цели за кои Вашингтон тврди дека претставувале закана за американските сили и за меѓународниот поморски сообраќај.






„Силите на ЦЕНТКОМ извршија напади врз ирански воени капацитети за надзор, комуникациски системи и позиции на противвоздушната одбрана низ Иран“, се наведува во соопштението објавено на Икс.

Од американската команда порачаа дека акцијата е одговор на, како што ја опишуваат, неиспровоцираната и континуирана иранска агресија.

 

Утрово на социјалните мрежи кружеше видео на кое се гледа како пресретнувачи од американската противвоздушна батерија МИМ-104 „Патриот“ соборуваат ирански балистички ракети со среден дострел над воздухопловната база Музафак Салти во Јордан.

 

Ормуз, затворен или отворен?

Иранските медиуми објавија експлозии во близина на градовите Минаб и Сирик во јужниот дел на земјата.

Во меѓувреме, Техеран соопшти дека го затворил Ормускиот Теснец за бродски сообраќај. Американската страна веднаш го оспори тоа тврдење.

„Трговските бродови продолжуваат да влегуваат и да излегуваат од Ормуз“, соопшти ЦЕНТКОМ.

Претходно, претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека американските сили ќе продолжат со нападите врз Иран.

– Ги погодивме силно вчера и повторно силно ќе ги погодиме денеска – рече Трамп.

„Ќе го претвориме регионот во пекол“

Дополнителни тензии предизвика изјавата на командантот на воздухопловните сили на Револуционерната гарда, Сејед Маџид Мусави.

– Го правите светиот Ормуски Теснец небезбеден? Ќе го претвориме регионот во пекол за вас, од територијата на целиот Иран – изјави Мусави, цитиран од агенцијата Мехр.

Заканата уследи откако Револуционерната гарда објави дека Ормускиот Теснец е затворен за сите бродови. Американската војска, пак, останува на ставот дека поморскиот сообраќај се одвива без прекин.

Поврзани содржини