Книгата или АИ ‒ како најдобар пријател на човекот

Прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени писателите е комплексно и предмет на широка дебата, но повеќето експерти и писатели веруваат дека АИ не може целосно да ги замени човечките писатели, човечкото авторство при пишување текстови.

90

Книгата, како што обично се вели, е најдобар пријател на човекот. Тоа, се разбира, секогаш звучи како аксиома, општоприфатена вистина која не треба посебно да се докажува. Книгите несомнено ни овозможуваат подобро да го разбереме светот околу нас, всушност ни отвораат прозорци кон нови светови. Книжевните саемски манифестации, како непрегледни мориња на наслови и изданија, во основа функционираат како таков огромен прозорец на предизвици.

Но, на какви ризици се изложени книгите и литературата, информациите и пишаниот збор, со експлозивните промени што ги носи дигиталната ера. Забрзаните случувања во рамки на развојот на вештачката интелигенција (АИ) веќе ги потресоа темелите на начинот на кој се создава текст. Тоа, како што укажуваат голем број експерти по компјутерски науки, ризикува драстично да ја намали потребата, способноста и вредноста на човечкото пишување. Можат ли воопшто да се отфрлат таквите стравувања?

Според најновите статистички податоци на Евростат, во 2025 година приближно 33 проценти од луѓето на возраст од 16 до 74 години во ЕУ користеле алатки за генеративна вештачка интелигенција (AИ). Употребата е во значителен пораст и е главно фокусирана на лични цели.

Истражувањата покажуваат дека меѓу ЕУ-членките употребата на алатки за генеративна вештачка интелигенција се смета за најраспространета во Данска (48,4%), Естонија (46,6%) и Малта (46,5%). Од друга страна, најмал удел на луѓе кои користат алатки за генеративна вештачка интелигенција е забележан во Романија (17,8%), Италија (19,9%) и Бугарија (22,5%). Во Македонија, според објавените податоци на Евростат, е регистриран удел од 22 проценти од населението.

Меѓу земјите со висока употреба е вброена и Шведска (42 проценти). Деновиве беа објавени резултати од ново истражување кое покажува дека речиси девет од десет деца и млади во Шведска се загрижени за барем еден аспект на вештачката интелигенција. Загриженоста најчесто е поврзана со ризикот од заблуда или манипулација. Вештачката интелигенција веќе стана природен дел од секојдневниот живот на децата и младите. Дури 93 проценти од младите на возраст од 16 до 19 години во Шведска користеле вештачка интелигенција во изминатата година. АИ веќе стана природен дел од секојдневието на децата и младите.

Токму затоа, дали вреди да се постави прашањето како тоа ќе влијае на иднината на најдобриот човеков пријател ‒ книгата? Кога ChatGPT пишува нешто што изгледа точно, веруваме дека со тоа покажува и дека е интелигентен. Но и без да се навлегува во дискусија дали ова е вистина, барем би можело да се каже оти се чини дека сме притиснати во тесно, и тоа од компјутери кои одеднаш се вклучуваат и ракуваат со пишаниот збор на начини што досега ги сметавме за карактеристични и единствени за човечката интелигенција. Оттаму и прашањето, што ќе значи ова за човековата слика за себе како писател и за неговиот поглед на пишаниот збор?

Во практична смисла, за очекување е дека вештачката интелигенција ќе преземе голем дел од целото пишување. Компјутерите веќе можат да испорачаат „автоматизирано новинарство“, во форма на спортски извештаи, временски извештаи и некролози. Литературни дела напишани целосно од вештачка интелигенција веќе се објавени, иако се смета дека тоа сè уште е во сферата на експериментирање. Но неспорно е дека постојат голем број помагала за пишување базирани на вештачка интелигенција, кои, на пример, можат да напишат приказна врз основа на краток опис на посакуваната содржина и јазичен стил. Како што забележа шведскиот професор по компјутерски науки, Томас Хелстром, на човечкото пишување на уметничка литература директно не му се заканува исчезнување, но методите на работа на сите видови креатори на текст ќе се променат радикално, со вештачката интелигенција како „коавтор“ на делото. И тоа во сè поголем обем.

Песимизмот и стравувањата, всушност,  се на линија на сфаќањата дека на долг рок човечката способност за пишување ќе се намали, едноставно затоа што како последица на интензивниот развој на дигиталната технологија луѓето сè помалку пишуваат. Или, кажано поинаку, способноста за пишување постепено ќе се намалува.

Прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени писателите е комплексно и предмет на широка дебата, но повеќето експерти и писатели веруваат дека АИ не може целосно да ги замени човечките писатели, човечкото авторство при пишување текстови.

Меѓу оние кои истапуваат со најоптимистични ставови и нудат охрабрувачки сознанија, појдовна точка е дека културата – а со тоа и литературата – е нешто што, сепак, го создаваат луѓето. Нешто што им се обраќа на другите луѓе. Вештачката интелигенција може да испорача текст, информации (што во најдобар случај можат да бидат точни и коректни), но она што излегува од машината е, пред сѐ, механичко и бездушно. Вештачката интелигенција може, исто така, да прави директни преводи збор по збор, но никогаш не може да го пренесе она што преведувачот го гледа во текстот на авторот, напишано меѓу редовите. Значи, контекстуалното толкување на оригиналното дело и она што авторот сака да го каже вон директното значење на зборовите.

Машините може да биде алатка и помагало што луѓето можат да ги користат, но не можат целосно да ја заменат улогата на луѓето во создавањето литература. Оттаму се и тврдењата дека вештачката интелигенција нема да може да ги замени ниту авторите, ниту, пак, литературните преведувачи.

Во секој случај, се чини дека загриженоста што ја предизвикува АИ во однос на употребата и натамошниот развој на јазикот е оправдана. Луѓето читаат сè помалку и сè повеќе ѝ препуштаат на вештачката интелигенција да го направи тоа наместо нив. Ова секако влијае на способноста на луѓето да се изразуваат, да размислуваат и расудуваат.

Човечката верба во пишаниот збор и понатаму ќе биде изложена на тестирање. Веќе во текот на 2026 година се очекува најмалку 90 проценти од целата содржина на Интернет да биде генерирана од компјутери. Дури и ако се решат проблемите со системите како ChatGPT, кои произведуваат директни грешки и измислици, голем дел од она што е напишано ќе биде намерно некоректно, бидејќи е создадено со цел за манипулирање со луѓето.

Во крајна линија, прашањето е, всушност, дали има надеж за човечкиот пишан збор доколку потребата, способноста и вредноста на пишувањето се намалат? Едно сценарио, според професорот Хелстром, би можело да биде дека вештачката интелигенција нема да го преземе целото пишување, туку ќе ни помага нам, луѓето, да го подигнеме нашето пишување на повисоко ниво. На истиот начин како што античките писатели ги повикувале своите музи за да добијат инспирација за да почнат да пишуваат, „ние даваме порака до ChatGPT што враќа предлози и за формата и за содржината“. Потоа, супериорната креативност, здравиот разум и разбирањето на човечките емоции се комбинираат со супериорната способност на вештачката интелигенција да идентификува и адаптира претходно напишан материјал.

Популаризирањето и славењето на литературата, како што тоа вообичаено се прави на големи саемски книжевни манифестации, не може, за жал, да ги заобиколи и отфрли ваквите дилеми, потиснувајќи го нивното значење во некое неодредено идно време.

Доколку би се создале сериозни претпоставки дигиталните системи и програми да можат да произведат експресивни, литературни текстови со кои луѓето можат да се идентификуваат, линијата помеѓу човекот и машината почнува да се замаглува.

А што се случува тогаш, или како би можела да се толкува суштината на таквиот еволутивен „скок“, е бездруго едно од најголемите прашања на нашето време.

Поврзани содржини