ТИВАТ ВО ФОКУСОТ НА ЕВРОПА Лидерите на ЕУ и Западен Балкан се собираат во Црна Гора
Во пресрет на самитот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја заокружи балканската турнеја, додека Црна Гора воведе засилени безбедносни мерки поради присуството на бројни европски и регионални лидери.
Тиват утре ќе биде домаќин на Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој се очекува да учествуваат лидерите на Европската Унија и на шесте земји од регионот, во обид да се даде нов поттик на процесот на европска интеграција и на соработката меѓу Брисел и Западен Балкан.
Самитот доаѓа непосредно по балканската турнеја на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој во изминатите недели ги посети земјите од регионот и разговараше со државните и владините претставници за европската перспектива на Западен Балкан, реформските процеси и спроведувањето на Планот за раст на ЕУ за регионот. Посетите беа оценети како подготовка за разговорите што ќе се водат во Тиват, каде што проширувањето на Унијата повторно ќе биде меѓу главните теми.
Според најавите, лидерите ќе разговараат за напредокот на земјите кандидати, економската интеграција на регионот со европскиот пазар, безбедносните предизвици и геополитичките случувања што влијаат врз Европа. Посебно внимание се очекува да биде посветено на Планот за раст на Западен Балкан, преку кој ЕУ обезбедува финансиска и реформска поддршка за земјите од регионот.
Во пресрет на собирот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска престојуваше во Софија на средба со бугарскиот претседател Румен Радев, каде што во фокусот се билатералните односи, прашања од заемен интерес и европската агенда. По разговорите и заедничката прес-конференција, Мицотакис ќе отпатува за Тиват, каде што вечерва ќе присуствува на свечена вечера организирана од црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за лидерите од Европската Унија и Западен Балкан по повод националниот празник на Црна Гора и во пресрет на утрешниот самит.
Поради присуството на голем број високи државници, црногорските власти воведоа засилени безбедносни мерки. Во деновите пред самитот на дел од српските државјани не им беше дозволен влез во земјата, откако безбедносните служби ги означиле како потенцијален ризик за јавниот ред и безбедноста на настанот. Потегот предизвика реакции во Србија и дополнително го привлече вниманието кон безбедносниот аспект на собирот.
Домаќини на самитот ќе бидат претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а меѓу учесниците се очекуваат и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и лидерите на земјите членки на ЕУ и на државите од Западен Балкан. Потврдено е дека ќе присуствуваат и лидерите на Франција Емануел Макрон, и на Германија Фридрих Мерц.
Организаторите најавуваат дека средбата треба да испрати порака за заедничка стабилност, просперитет и европска иднина на регионот.