ПЛАНИРАЛЕ СОБИРИ ЗА ВУЧИЌ ВО ТИВАТ, ГИ ДЕПОРТИРАА Уште еден скандал во Црна Гора пред самитот ЕУ-Западен Балкан
Група српски државјани пристигна со чартер лет од Белград, но беше вратена пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан. Според медиумски информации, дел од нив планирале собири и активности за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Осумдесет и седум српски државјани кои пристигнале со чартер лет во Тиват биле вратени во Белград по одлука на црногорските безбедносни служби. Според медиумски извештаи, групата планирала да организира повеќе собири за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ за време на самитот ЕУ-Западен Балкан во Црна Гора.
Црногорските власти реагирале пред планот да биде реализиран.
Според српска Нова, групата требало да се појавува на различни локации во Тиват и околината, да истакнува транспаренти и да организира јавни собири за време на самитот ЕУ-Западен Балкан.
Присуството на Вучиќ на претстојниот самит веќе предизвика бура во регионот по информацијата дека српската безбедносна служба БИА го предупреди Вучиќ да не патува во Тиват, тврдејќи дека Радоје Звицер, водачот на озлогласениот Кавачкиот клан, се наоѓа во Црна Гора.
Транспаренти, радиостаница, автобуси
Црногорската полиција соопшти дека кај патниците биле пронајдени транспаренти со пораки како „Србија победува“, комуникациска опрема и поморска радиостаница.
На аеродромот ги чекале и два автобуси со српски регистарски таблички.
Според безбедносните служби, групата претставувала ризик за националната безбедност.
Самит под засилени мерки
Инцидентот се случува непосредно пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват на 5 јуни, на кој се очекува присуство на највисоки европски и регионални лидери.
Меѓу најавените гости се францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ изјавила дека и покрај предупредувањето од БИА Вучиќ планира да отпатува во Тиват и да има важни средби таму.
Вучиќ, по средбата со Антонио Кошта во Белград му рече дека ќе отпатува на самитот.
– Се гледаме вечерва во Црна Гора, ако не претставувам хибридна закана – рекол српскиот претседател на крајот од заедничкото обраќање со Кошта.