ВУЧИЌ, НЕ ОДИ ВО ТИВАТ, ЗВИЦЕР Е ВО ЦРНА ГОРА Српскиот претседател предупреден од безбедносната служба БИА

Поради непријателските дејствија на странските служби и криминалните кланови во Црна Гора, Безбедносно-информативната агенција официјално го советуваше претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора, бидејќи е утврдено постоење на висок безбедносен ризик, соопшти БИА.

0

Безбедносната и информативна агенција (БИА) издаде официјално соопштение со кое го советува претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да не оди во Црна Гора.

„Од причини од највисоко значење за задачите што ѝ се доверени на Безбедносно-информативната агенција, соопштуваме дека е потребно да објавиме дека поради непријателските дејствија на странските служби и криминалните кланови во Црна Гора, Безбедносно-информативната агенција официјално го советуваше претседателот на Република Србија да не патува во Црна Гора, бидејќи е утврдено постоење на висок безбедносен ризик“, соопшти БИА.






Во соопштението се додава:

„Според нашите оперативни сознанија, Радоје Звицер, водачот на Кавачкиот клан, се наоѓа во Црна Гора. Спротивно на сите правила на професијата и одговорниот однос, безбедносната проценка што беше побарана неколку пати од службата домаќин на состанокот во Црна Гора не ни беше доставена“.

Претседателот Вучиќ утре и задутре треба да учествува на самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тиват.

Радоје Звицер е црногорски криминалец од Котор, кој според истражните органи во повеќе европски земји важи за еден од водачите на озлогласениот Кавачки клан – моќна криминална организација поврзана со меѓународна трговија со кокаин, убиства и со други облици на организиран криминал. Во последните години неговото име често се појавува на потерници на Црна Гора, Србија и на други европски држави, а во 2024 година беше ставен и на листата на најбараните бегалци на Европол.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, вечерва изјави дека директорот на БИА, Владимир Орлиќ ја контактирал со информации што подоцна официјално ги објави БИА, дека постои сериозна безбедносна закана по животот на Александар Вучиќ ако патува во Црна Гора.

– Моментално сум на вечера со Вучиќ и со Антонио Кошта, но повеќе сум на телефон отколку на вечера, сериозно сум загрижена. Се обидов да разговарам со Вучиќ, но претседателот не сака ни да чуе за откажување од патувањето во Црна Гора. Тој секогаш ги држи своите зборови и ветувања, а тоа му е важно за доброто на нашиот народ, но и за нашите европски партнери. Нема шанси да го убедиме да не патува – рече Брнабиќ.

Таа додаде дека и накратко го информирала Кошта за ситуацијата.

– Дури се обидовме да го убедиме да не оди утре, туку да оди само задутре, да не преноќи таму, туку само да биде на конференцијата. Вети дека ќе биде и на таа работна вечера, па, тоа е тоа, тоа е Александар Вучиќ, но во моментов ме плаши екстремно – рече таа.

Поврзани содржини