НИТУ РУСИЈА, НИТУ УКРАИНА НЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА ОТСТАПКИ Според Рубио, нема воено решение за војната во Украина
Подготвени сме да продолжиме со каква било улога што е потребна во контекст на постигнување мир, вели американскиот државен секретар Марко Рубио.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека ниту Русија ниту Украина не се подготвени да направат отстапки во преговорите за прекин на војната, пред сè руската страна, и нагласи дека тоа е потребно за да се постигне мир.
– Подготвени сме да продолжиме со каква било улога што е потребна во контекст на постигнување мир, бидејќи сметаме дека војната во Украина нема воено решение – рече Рубио во текот на вториот ден од сведочењето пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Конгрес.
Според него, војната може да биде решена само по дипломатски пат, иако тој пат, како што оцени, досега бил неуспешен.
– Би го нарекол тоа тековен предизвик – рече Рубио.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека војната во Украина ќе продолжи доколку Киев продолжи да ги одбива „вистинските“ преговори и сериозните одлуки за мирно решение, и истакна дека Русија останува отворена за мировни преговори за Украина. Како што наведе тој, војната може да биде завршена до крајот на денот доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски им нареди на украинските вооружени сили „да ги напуштат руските региони“.