ГРАЃАНИТЕ НА ЦРНА ГОРА НЕ МОЖАТ ДА ВЛЕЗАТ ВО СРБИЈА? Редици од возила на граничните премини, српската полиција врши детални проверки

Според извори на подгорички Вијести од 19:30 часо, ниту еден црногорски државјанин не преминал во соседната земја на граничните премини Гостун, Јабука и Драченовац.

239

Граѓаните на Црна Гора вечерва не можат да ја преминат границата со Србија, поради репресивни мерки што ги усвои власта во Белград, по протерувањето на повеќе од 80 српски државјани од аеродромот Тиват поради закани по националната безбедност, изјавија за подгорички Вијести неколку извори од безбедносниот сектор.

Според истите извори, од 19:30 часот, ниту еден црногорски државјанин не преминал во соседната земја на граничните премини Гостун, Јабука и Драченовац.






– Нашата полиција спроведува засилени контроли и, како и обично, влезот е дозволен на сите што немаат безбедносни проблеми. И покрај ова, од 19:30 часот, присуството на српската полиција беше зголемено и тие преземаат засилени мерки само за црногорските државјани… Небаре е забрана – рекол еден од изворите на Вијести.

Полицијата неофицијално за „Вијести“ изјави дека на граничните премини во Србија, на влезот во Србија од Црна Гора, протокот на сообраќај за црногорските граѓани е отежнат поради наводни детални контроли што ги спроведува српската гранична полиција.

Радио-телевизија Црна Гора известува дека од црногорската полиција им било кажано дека им се препорачува на граѓаните да го следат протокот на сообраќај на граничните премини кон Србија во реално време, преку камерите од граничните премини на веб-страниците на надлежните органи и да побараат официјални информации од Министерството за внатрешни работи на Србија.

Засега нема официјална изјава од надлежните институции на Србија за ограничувањата за влез на црногорските граѓани.

И српските медиуми неофицијално информираат дека на граѓаните на Црна Гора не им е дозволен влез во Србија, а на граничните премини вечерва (среда) се формирани колони со возила.

Група од 87 мажи, од кои некои се регистрирани како лица од безбедносен интерес, а кои утрово пристигнаа во Црна Гора со чартер лет од Белград, беа приведени во Тиват и не им беше дозволено да влезат во Црна Гора. Авионот слета во Белград попладнево.

Сето ова се случува пред самитот Европска унија-Западен Балкан, кој почнува утре. На самитот треба да присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој доби предупредување од српската БИА да не оди во Црна Гора, поради висок безбедносен ризик.

Во изјава по повод предупредувањето од БИА до Вучиќ, претседаелката на српскиот парламент веечерва се осврна и на денешниот случај.

– Црногорските власти одлучија да го сопрат авионот што доаѓаше од Белград и да ги проверат сите патници. Според информациите што ги имам, од 86-те патници на тој лет, имало тројца патници кои во одреден момент имале некаков криминален досие. Ќе ви дадам компаративен пример, денеска три лета на „Монтенегро ерлајнс“ слетале во Белград од Црна Гора, два од Тиват и еден од Подгорица. Сега замислете ако ние, како Република Србија, ги проверивме сите луѓе што биле на тие летови, колку луѓе ќе откриевме дека имаат некакво криминално досие, веројатно многу повеќе од она што беше пронајдено на овој лет. И што значи тоа? Значи, очигледно е дека постојат информации и некои сознанија и некоја намера црногорските служби да проверуваат сè што доаѓа од Србија – рече Брнабиќ.

Значи, ова е направено намерно, со јасна намера, и тоа е она што ме загрижува уште повеќе, додаде таа.

Црногорската полиција денеска соопшти дека како дел од обемните, континуирани и интензивирани активности што се спроведуваат по повод Самитот на ЕУ – Западен Балкан, спроведе зголемени гранични и безбедносни контроли на граничниот премин Аеродром Тиват, при што беше одвоен и ставен под контрола чартер лет на релација Белград-Тиват, со кој во Црна Гора беа превезени 87 државјани на Република Србија.

„По спроведената постапка и преземените службени мерки и дејствија, со решение на Полициската управа е забранет влез во Црна Гора на 87 машки лица, согласно Законот за странци, по што тие се вратени во Република Србија со истиот лет. Исто така, ќе биде покрената одлука за забрана за влез и престој на овие лица во наредниот период“, соопштија полицијата и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Извори блиски до Полициската управа наведуваат дека меѓу патниците има луѓе со криминално досие, за кои постои сомневање дека пристигнале неформално за да го обезбедат престојот на српскиот претседател Александар Вучиќ за време на Самитот во Тиват што ќе се одржи во петок, на 5 јуни.

ВУЧИЌ, НЕ ОДИ ВО ТИВАТ, ЗВИЦЕР Е ВО ЦРНА ГОРА Српскиот претседател предупреден од безбедносната служба БИА

Поврзани содржини