БИТОЛА ЌЕ ЗАЛИЧИ СО НОВА УРБАНА ОПРЕМА Општината ќе дава под закуп микролокации за тезги
Како Општина сериозно и темелно ги решаваме проблемите во градот, истакна градоначалникот Тони Коњановски на денешната редовна седница на Советот на Општина Битола.
Тој пред членовите на општинскиот Совет најави нови решенија по примерот на западноевропските центри за поставување на урбана опрема во централното градско подрачје.
– Урбаната опрема пред кафе баровите ќе ја има и понатаму, но сега ќе биде како во западноевропските градови. Решенија нудиме и за другите јавни простори и во согласност со правила за старото градско јадро кои произлегуваат од надлежностите на Управата за заштита на културно наследство, ингеренциите на Музејот и одлуките кои ги носи Советот. Со новата програма за урбана опрема се опфаќа просторот пред угостителските објекти, но и урбана опрема која вклучува билборди и киосци во централното градско подрачје, клупи, канделабри, детски паркови со реквизити и други елементи – рече Коњановски.
Програмата за урбана опрема во Општина Битола ја изработија стручни лица со повеќемесечна анализа и консултации со здружението на угостители од Битола.
– Со новата програма се отстрануваат сите киосци во централното градско подрачје, кое е заштитена зона како старо градско јадро, а во изминатиот период беа отстранети и билбордите во центарот на Битола. Сето ова се прави со цел Битола да наликува на европски, урбан и модерен град како што тоа го гледаме кога патуваме во странство, притоа слушајќи ги апелите на граѓаните во изминатите четири години – посочи Коњановски.
Членовите на Советот на Општина Битола се очекува да ги изгласаат и одлуките за поставување урбана опрема-тезги и трицикли на подрачјето на општината, како и одлуката за утврдување почетна цена за давање под закуп на микролокации предвидени за поставување тезги и трицикли.