„МАМА КЛЕКНУВАШЕ ЗА ДА СЕ ОДБРАНИ, А ТАТО ЈА ШУТИРАШЕ“ Внуката Катја ѝ кажувала на мајката на Ивана што гледала дома

Мајката на Ивана, Љубица Стојановска, рече дека го пријавила зетот во полиција, дека тој ѝ се заканувал и нејзе и дека се плашела од него.

979

Мајката на покојната Ивана Јовановска, Љубица Стојановска, сведочеше денеска за насилството од обвинетиот сопруг Стојанче Јовановски, што го трпела нејзината ќерка во бракот.

На прашање на обвинителката Адела Бојчевиќ во какви односи биле Ивана и обвинетиот, мајката на Ивана рече:






– Во почетокот беа под кирија, јас како мајка им се наоѓав да им помогнам. Тој работеше во достава на храна, а ќерка ми работеше во бутикот „Масимо Дути“. Ќерка ми сакаше да имаат свој стан. Секогаш беше со позитивна мисла за сопругот, велеше „Мамо, има зрело размислување, добар е, имал тешко детство, ама ќе биде сѐ во ред“. Малку се знаеја, 2-3 месци пред бракот. Таа остана бремена. Јас претходно не знаев ништо за врската. Во тој период таа ми кажа дека требало да има некое судење за Стојанче. Ние како родители помогнавме да се заврши работата да добие условно. Потоа успеаја да уплатат за станот. Почетокот им беше убав. Јас ретко го ословував со име, па и до крај, секогаш со „сине, синко“. Се радувавме, средуваа стан, никогаш мојата Ивана не кажуваше за проблеми. Некогаш ќе видев модринка на рацете, еднаш имаше модро око, рече дека паднала од тротинет. Кога Катја имаше 2 години, во август ми се јави зетот во 1 ноќе, извинете на изразот, ми рече „Тетка Љубица, дојди да си ја земеш ќерката, Ивана“. Стасав за 10 мунути до нивниот стан. Тој беше премногу нервозен, шеташе, зборуваше.

Во овој момент судијата го опомена обвинетитот да молчи додека друг дава исказ и дека следниот пат ќе го отстрани од судницата.

– Тоа беше во 2021 година. Му реков: „Кажи синко, што е работата“. Ивана беше вознемирена, ја гушкаше Катја, седеше на лежајот во дневната. Стојанче ми рече еден збор, не можам да го повторам во јавноста, го кажав на обвинителката и на адвокатката. Беше многу револтиран и покажуваше долу – рече Љубица.

Тогаш дошла полиција, го извадила Стојанче надвор во ходник да поразговараат.

– Еден полицаец беше со нас во собата. Ивана беше многу исплашена. Тој ја удираше со боксови. Катја ѝ беше во рацете. Пак тргна да ја удри, јас застанав помеѓу нив. Ивана беше исплашена, велеше „Сѐ нека земе и стан и сѐ, само ќерката нека ми ја остави“ – рече мајката.

Откако завршил разговорот со полицајците, тие рекле „Ајде, смирете се“ и си отишле. Стојанче ѝ понудил на мајката да ја однесе дома, а таа одбила.

– Ивана секогаш се плашеше да не ѝ ја земе Катја. Таа работеше во приватна фирма, а благодарение на мене зетот доби работа. На мојата ќерка секогаш на прво место ѝ беше Катја. Кога се земаше станот, прво беше на нејзино име, таа редовно го плаќаше кредитот. По некое време го запишаа пола-пола сопственост, најверојатно на барање на Стојанче. До последниот момент Ивана го плаќаше кредитот, а плаќаше и сметки – рече таа.

На прашањето дали Ивана ѝ кажувала дека има проблеми и дали таа нешто забележувала, мајакат Љубица рече:

– Забележував модринки, велеше дека се удрила, дека лесно ѝ излегуваат модринки. Кога доаѓаше кај нас секогаш беше под стрес, беше под контрола од Стојанче, тој ѝ се јавуваше да провери каде е. Таа велеше: „Еве сум, кај моите“. Имаше модрици по рацете, нозете, на два пати окото ѝ беше модро. Се сомневав дека Стојанче ја тепа, ама таа не ми признаваше. Ќе биде сѐ во ред, ми велеше. Јас никогаш не го прашав зетот за тоа. Сметав дека тие сами ќе си решат меѓу себе – рече мајката.

Но затоа ќерката Катја зборувала за тоа што се случувало дома.

– Катја ми кажуваше „Бабо јас ќе ти кажам, а ти не ѝ кажувај на мама. Мама знаеше да клекне доле, со скрстени раце да се брани, а тато ја шутираше, ја удираше.“ Мојата Катја, мала 6 години, ги користеше погрдните зборови што тој ги кажувал „дрољо…“ – рече Љубица.

– Дали Стојанче некогаш бил насилен кон вас? – праша обвинителката.

– Пред Нова година направив благи работи за внуката и салата што ја сака ќерка ми, зедов такси и отидов пред нивната зграда. Ивана ме чекаше, ми помогна да ги изнесем работите. Таа се тресеше, се плашеше за мене, и викаше: Мамо, бегај, ќе дојде сега Стојанче, те молам бегај да не ти направи нешто“. Набрзина ѝ го дадов тоа што го носев и тргнав накај автобуска пешки и слушнав глас од зет ми, хистерично викање. Мислам дека тогаш да останев, а требаше да останам, ама ајде, да не правам проблем, и слушнав некое викање насочено кон мене, некоја закана и од страв почнав да бегам. Бев исплашена да не му направи нешто на моето дете. Потоа Ивана ми кажа дека благото и салатата ги фрлил во контејнер – рече таа.

Мајката рече дека го пријавила Стојанче во полиција во август лани. Ивана во тој период престојувала кај неа.

По ова судијата Ивица Стефановски даде пауза од 15 минути.

 

СТОЈАНЧЕ ТВРДИ ДЕКА БИЛ ПРИСИЛЕН ДА ПРИЗНАЕ ВИНА, НЕ ПРИФАЌА ДЕКА ЈА НАВЕЛ СОПРУГАТА ДА СЕ САМОУБИЕ Ја префрли вината врз сведокот Мартин Саздов

Поврзани содржини