УШТЕ ЕДЕН СВЕДОК НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА УРИВА ТЕОРИЈАТА НА ВЕРИЖНА ОДГОВОРНОСТ Општина Кочани од почетокот била против отворањето на дискотеката „Пулс“

Предмет од ваква тежина и обем на одговорност не може да се гради врз општо чувство дека „некој морал да знае“, туку врз јасно утврдена надлежност, службено сознание и конкретен пропуст.

254

Општината Кочани барала да не се дозволи отворање на дискотеката „Пулс“ во објектот во кој лани се случи една од најголемите трагедии во Македонија. Уште на почетокот, кога во градот почнало да се зборува дека во тој објект ќе се отвора дискотека, Општината реагирала за намената на објектот и побарала да се спречи негово користење како дискотека.

Ова сведечење на Драги Илиевски, раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште во Кочани, на последното судско рочиште за случајот „Пулс“, отвори старо-нова дилема: зошто обвинението зборува едно, а сведоците на Обвинителството нешто сосема друго?






Дискотеката била во зона каде што таков објект не смее да има

Она што особено се издвојува од исказите на сведоците е дека Општината за отворањето на новата дискотека дознала од муабети во градот. Овој детал може суштински да влијае врз судскиот случај, затоа што ако „Пулс“ не бил евидентиран во Општината, како ќе се докаже верижната одговорност на која инсистира обвинението?

Прашан од каде Општината имала сознанија за намерите на инвеститорот, Илиевски одговори: „Тоа се зборуваше по градот“.

Илиевски објасни дека спорниот објект се наоѓал во зона Г2, односно зона за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволена угостителска дејност од ваков тип, ниту пак може да се изврши пренамена.

„Значи зоните не можат да се менуваат… не е направена пренамена на тој објект“, рече сведокот Илиевски.

Тој истакна дека општината нема законска надлежност да издава лиценци, да ја контролира дејноста или да затвора објекти, но дека сепак презела чекори за да алармира кај надлежните институции. Според сведочењето, Општината го известила Државниот пазарен инспекторат.

Општината првично издала позитивно известување за користење на јавен паркинг, но истото било поништено веднаш по сознанијата дека во објектот ќе се отвора дискотека, токму поради несоодветната намена на локацијата, објасни Илиевски.

Во општинската евиденција не постоел правен субјект под името „Пулс“

Уште од отворањето на дискотеката „Пулс“, таа практично не постоела во општинската евиденција како правен и административен субјект под името „Пулс“. Недостатокот на „Пулс“ во административната евиденција го посочи сведокот Дејан Рашков, раководител на општинскиот Сектор за финансиски прашања. Тој сведочеше дека во нивните регистри дискотеката „Пулс“ не фигурирала како правно лице и дека обврските за лиценца и фирмарина биле подмирувани преку правните субјекти „Класик ДМ” и „ММММ”.

„Кога се случи настанот имавме инспекција и ги проверувавме сите даночни обврзници и утврдивме дека како правно лице не постои“, сведочеше Рашков.

Сведокот појасни дека надоместокот за лиценца се уплаќа на сметка која автоматски ги дели средствата, при што 50% завршуваат во буџетот на општината, но општината има увид само во вкупните износи, а не во поединечните уплати. Иако општинските инспектори се самостојни во своето постапување и немаат надлежност да ја контролираат дејноста во објектите или да ги затвораат, контролата врз нивното работење ја врши Државниот градежен инспекторат.

Комплицирана слика, фрагментирани траги

Оваа комплицирана слика открива ситуација во која локалната власт дознава од гласини, градски муабети за отворање на дискотека и веднаш се обидела да реагира во рамки на сопствените законски можности, да го спречи отворањето на објектот.

Предметот сè повеќе се соочува со прашањето дали обвинението се обидува да изгради цврста одговорност врз систем во кој трагите се фрагментирани, недоволно јасни и често оставени меѓу различни субјекти и различни нивоа на постапување.

Токму на ова во изминатиот период предупредува дел од правната и експертска јавност, според кои предмет од ваква тежина и обем на одговорност не може да се гради врз општо чувство дека „некој морал да знае“, туку врз јасно утврдена надлежност, службено сознание и конкретен пропуст. На оваа слабост на обвинението реагираше и адвокатот Јанаки Митровски, според кој „обвинението е проблематично, соизвршителство тешко се докажува во овој предмет“.

За експертската јавност кога отсуствува јасното утврдување индивидуална одговорност, одговорноста се распрснува, процесот станува сложен, тежок и ранлив на поништување.

Поврзани содржини