КАПКИ СТОПЕН СУНЃЕР И КРВ НА ЈАКНАТА НА АНДРЕЈ ОД ДНК Обвинителството презентираше докази од увидот во „Пулс“

При увидот по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани биле пронајдени изгорен ресивер за активирање пиротехнички уред, црн ранец во кој имало пластично куферче со два ресивера за активирање пиротехника и батерија од 9 волти, како и кеса со неискористено пиротехничко средство, презентираше Обвинителството на денешното судење.

0

Изгорен ресивер за активирање пиротехнички уред, црн ранец во кој имало пластично куферче со два ресивера за активирање пиротехника и батерија од 9 волти, како и кеса со неискористено пиротехничко средство пронашле обвинителите при увидот по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој настана лани на 16 март. Биле пронајдени и три празни противпожарни апарати.

Јавното обвинителство на денешното рочиште за пожарот во кој загинаа 63 млади луѓе и 222 беа повредени, продолжи со изведување на материјалните докази, земени при увидот на лице место во опожарениот објект. Според обвинението, пожарот настанал поради употреба на пиротехника од страна на групата ДНК, за време на чиј концерт се случи трагедијата.

Пред Кривичниот суд беше прикажан фотоалбум со 92 фотографии, кои детално ја прикажуваат затекнатата состојба на местото на настанот. Присутните во судницата, на фотографиите ја видоа внатрешноста на опожарениот објект, исцрнети машки и женски обувки на црвениот тепих пред дискотеката, изгорени јакни, празен хидрант, мали прозорци со метални решетки, изгорен покрив низ кој се гледа небото, како и поставеноста на бината и димензиите на излезот.

Адвокатката Ивана Коцевска, која го брани првообвинетиот Дејан Јовановски Деко, даде приговор дека Обвинителството, листајќи ги фотографиите, се задржува селективно само на оние кои му одговара да бидат прикажани.

Застапникот на Обвинителството ги образложи наодите од увидот.

– Над бината е нотирано дека имало метални конструкции и конзоли поставени на висина од 2,7 метри од бината, што укажува на мала оддалеченост меѓу сценскиот дел и горните елементи – рече обвинителот.

Беше презентирана и неоштетена пиротехничка фонтана во чија спецификација е наведен дометот при прскање, којшто бил поголем од растојанието помеѓу бината и плафонот.

– Констатирано е присуство на горливи и изолациски материјали – стиропор, первол, гипс картон, дрвени елементи – кои придонеле за брзо ширење на пожарот. Утврдени се ограничувачки и небезбедни услови за движење и за евакуација, односно, преградна двокрилна врата, алуминиумска врата, како и странична врата без квака, со заклучена брава, метални алки и катанец во заклучена положба – посочи јавниот обвинител.

Во записникот, додаде, е констатирано дека пожарот настанал како последица на употреба на пиротехнички средства од страна на групата ДНК.

Со направената скица од увидот е даден графички приказ за достапноста на објектот и неговата непосредна околина.

Беше наведено дека сунѓерот бил набавен непосредно пред почетокот со работата на клубот во 2012 година, при што е утврдено дека станува збор за горлив материјал кој при согорување создава жешки капки. Според вештачењето на микротраги, вакви капки се пронајдени и кај дел од починатите, меѓу кои и на јакната на пејачот на ДНК Андреја Ѓорѓиевски, каде се евидентирани и капки крв, поради дејството на материјалот.

Според доказите на Обвинителството, кога почнал пожарот во „Пулс“ внатре имало околу 600 луѓе, а од огнот се развила температура до 800 степени Целзиусови.

Почетокот на денешното рочиште беше тензичен затоа што некои од бранителите отворено го оспорија вештачењето на Институтот за судска медицина.Тие рекоа дека дел од предложените докази се компромитирачки и побараа нивно изземање, како и вкрстено испитување на дополнителни вешти лица и ангажирање технички советници. Судот овие барања ги одби како неосновани, а Обвинителството ги оцени како тактичка алатка за одолжување на судската постапка.

Поврзани содржини