ЕКОНОМИСТ БЛИЗОК ДО ТРАМП ПРЕДУПРЕДУВА Американската економија не е доволно силна да ја издржи војната во Иран
Ервин Џон Антони кој е главен економист на конзервативната фондација Херитиџ, предупреди дека американската економија е премногу слаба за да издржи цена на нафтата од 100 долари за барел,
Поранешниот кандидат на Доналд Трамп за раководител на Бирото за статистика на трудот (BLS) Ервин Џон Антони предупреди дека американската економија е премногу слаба за да издржи цена на нафтата од 100 долари за барел, наведувајќи ја војната во Иран како главна причина за зголемувањето на потрошувачките цени.
Антони кој е главен економист на конзервативната фондација Херитиџ, вчера ја презентираше својата проценка, пред состанокот на Федералните резерви за каматните стапки.
– Мислам дека оваа економија едноставно не може да се справи со цена на нафтата од 100 долари за барел. Економијата е послаба, а инфлацијата е полоша отколку што мислевме. Пониските цени на енергијата што ги имавме во 2025 година помогнаа да се намали притисокот врз цените низ целата економија. Сега ќе видиме како повисоките цени на енергијата ќе имаат спротивен ефект и ќе го поттикнат нивниот раст – изјави тој за Фајненшл тајмс.
Предупредувањата на Антонио за состојбата на најголемата економија во светот доаѓаат само еден ден откако директорот на Националниот центар за борба против тероризмот на САД поднесе оставка во знак на протест против војната во Иран.
Тоа претставува прво значајно отстапување од администрацијата на Трамп откако започна конфликтот.
Во меѓувреме, републиканците се сè повеќе загрижени дека високите цени на нафтата ќе им наштетат на нивните перспективи на претстојните среднорочни избори.
Цената на суровата нафта Брент денеска скокна на 113 долари за барел, додека американската WTI нафта достигна цена од 96, 53 долари и се приближува кон критичната граница од 100 долари.
Цените на бензинот на пумпите се зголемија од 2,92 долари пред еден месец на 3,84 долари за галон, додека дизелот надмина 5 долари, што силно ги погодува и американските потрошувачи и бизнисите.
Економските податоци собрани пред почетокот на американскиот и израелскиот напад врз Иран дополнително ја поттикнуваат загриженоста.
Проценката за раст на БДП на САД за последниот квартал од 2025 година беше намалена минатата недела од 1,4 на 0,7%.
Податоците објавени вчера покажаа дека големопродажните цени пораснале побрзо од очекуваното во февруари, дури и пред почетокот на војната. Дополнително, американската економија минатиот месец изгуби 92.000 работни места, со што се поништи поголемиот дел од растот во јануари.
Антони конкретно го истакна „недостатокот на раст на вработеноста“, припишувајќи дел од него на минатогодишните намалувања на федералната администрација.
Тој, исто така, ги повтори своите критики кон Бирото за статистика на трудот (BLS), кое го спореди со „генератор на случајни броеви“ во објава на социјалната мрежа X минатиот мај.
„Потребен е целосен и сеопфатен преглед на сè, од собирањето и обработката до објавувањето на податоците, бидејќи имаше неколку проблеми со протекување на информации“, рече тој. Да потсетиме дека во јануари оваа година, Трамп објави некои податоци за вработеноста за декември неколку часа пред нивното официјално објавување.