13 УАПСЕНИ ПОРАДИ БЕЗОБЅИРНО УПРАВУВАЊЕ СО МОТОРНО ВОЗИЛО Возеле пијани, или без возачка, или имале забрана за возење
Притоа, одземени се и шест возила. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
На подрачјето на целата земја полициски службеници вчера уапсиле 13 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, соопшти МВР.
„Од нив, четири возачи (од Скопје, Свети Николе, Радовиш и Богданци) управувале возило под дејство на алкохол. Шест возачи (од Скопје, Македонски Брод, Гостивар и Струга) управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, додека двајца возачи од Кичево управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Еден возач од Скопје управувал мотоцикл без да поседува возачка дозвола, а мотоциклот бил и без регистрација“ – се вели во информацијата на МВР објавена на Фејсбук-профилот на Министерството.
Во два од случаите возачите кои биле под дејство на алкохол предизвикале и сообраќајни незгоди. Лице од Свети Николе, кај кое биле констатирани 1,96 промили алкохол во крвта, удрило во бетонски ѕид, додека возач од Богданци, кај кого биле измерени 1,99 промили алкохол во крвта, излетал од патот.
Во еден од случаите во Скопје било сопрено возило кое возачот го управувал без возачка дозвола, при што било утврдено дека се работи за такси возило со кое вршел превоз на патници.