СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“ ДОПРВА СЕ ЗАПЛЕТКУВА КАКО ГОРДИЕВ ЈАЗОЛ Ќе има ли Јавното обвинителство смелост да го пресече со меч?

Изгледа дека нема кој да ја соопшти лошата вест – случајот „Пулс“ заглавува и без одложувања. Од март две нови обвинителски постапки, а едно обвинение чека одобрение. Нетрпението на семејствата на жртвите расте. Каде води сето ова?

761

За в среда, 25 февруари, е закажано ново судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Нема најави за одложување, како што тоа се случи на последното рочиште. Причините беа објективни и одложувањето беше неизбежно. Што ќе се случува понатаму?

На секое рочиште на судскиот спор за „Пулс“ повторно се отвора раната што не зараснува. Родителите реагираат дека нивното трпение е при крај. Таа реакција е разбирлива, затоа што луѓето со месеци живеат со истото прашање: кога ќе добиеме јасен одговор – кој, за што и кога ќе одговара?






Од март се очекуваат нови компликации

Лошата вест, ако така може да се каже, е што процесот, наместо да се фокусира, допрва се усложнува. До март нема ништо спектакуларно да се случи на судските рочишта, а во март, пак, почнуваат уште две други обвинителни постапки поврзани со трагедијата, додека уште еден обвинителен акт чека на одобрување во Судот.

Кога на 3 октомври 2025 година, Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека обвинителниот акт е одобрен во целост и предметот е распределен кај судијката Дијана Груевска-Илиевска за понатамошно постапување, беше јасно дека рамката во која се движи судењето, бројот на обвинети (35 физички и 3 правни лица) и распонот на обвинението, не е импровизација на судечкиот совет, туку стартна поставка во обвинителниот акт.

Веќе го анализиравме проблемот на обвинението, којшто произлегува од фактот што наместо случај со една прецизна и јасна линија на кривична одговорност, Обвинителството решило да креира предмет со повеќе краци на практично недокажлива и непостоечка институционална одговорност. Да биде проблемот уште поголем, сите тие краци на одговорност, која според обвинението водат назад до 2012 година, се споени во едно кривично дело – предизвикување општа опасност.

Судот има мал маневарски простор

За да се докаже невозможното, ќе се потроши многу време, а уште сега се знае дека тоа е пат којшто води кон неуспех. И ако се тргнат емотивните реакции на засегнатите, се гледа дека изворот на фрустрацијата не е во Судот или во неговото работење. Темпото со кое се движи процесот е последица, но не на случувањата во судската сала, туку во темелите на обвинителниот акт. Процесот мора да се води и се води по Законот за кривична постапка, каде јасно се предвидени сите услови, предуслови, права и можности на секоја странка во процесот. Мал е просторот за маневри на Кривичниот суд.

Со оглед на обемот, бројот на сведоци, докази и обвинети, праксата, за која и ние веќе пишувавме, е со толкави можности. Треба да се има предвид дека сите други случаи во Кривичниот суд имаат второстепено значење во споредба со случајот „Пулс“, но сепак таа е динамиката.

Со еден збор, случајот „Пулс“ се тера по процедура, но ефикасноста на спроведувањето на судската постапка е сериозно ставена на тест не од волјата на судот, туку од една специфична причина – преголемиот и чудно составен обвинителен акт.

Семејствата бараат брза правда

Дека бавната правда се заканува да стане неправда најдобро го чувствуваат семејствата на жртвите од трагедијата. На 21 февруари, Александар Наунов, татко на загинатата Надица, јавно ги повика на одговорност Јавното обвинителство и Кривичниот суд. Неговите зборови одекнаа низ јавноста со тежина каква што само родител кој го загубил детето може да ја носи:

„Пред почетокот на судењето слушнавме гласни ветувања дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има неоправдани одложувања … Денес прашуваме – каде се тие ветувања?“

Родителите бараат институциите да одговорат на секој детал што може да значи влијание врз доказите, затоа што велат дека нема да дозволат вистината да остане затскриена. Овој став упатува на заклучокот дека тие бараат пресудата да биде правно и морално одржлива. И тоа секако е за почит и судот мора така да постапува. Но, дали е тоа можно со вакво обвинение?

Адвокатката Ружица Николовска, зборувајќи за предметот, директно го именува тој товар: обвинението опфаќа период од 2012 до 2025 година и, според неа, тоа ќе биде „еден сериозен предизвик и за институциите и за судот за да се утврди вистината“. Иронијата на случајот „Пулс“ е што во обидот да се опфати сè низ децениите, обвинителниот акт создаде конструкција која самата си пречи и противречи.

Ваков обвинителен акт носи само продолжена агонија

Иако намерата за сеопфатна одговорност одекна бомбастично во јавноста, скоро една година подоцна во практиката покажа дека тоа води само кон разводнување на постапката. Сите обвиненија за повеќе од една деценија ќе мора да се „покријат“ со докази и во таква рамка, секоја промена на термини, секое дополнително известување, секоја процесна забелешка – има поголема тежина, затоа што ја продолжува агонијата на тие што чекаат одговор.

Се повеќе е јасно дека главната причина што правдата во „Пулс“ не може да биде брза е тоа што предметот е поставен како класичен мега случај, каде на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети (35 физички лица и 3 правни лица), сите со широка палета на улоги, институции и одговорности. Колку повеќе обвинети, толку повеќе адвокати и одбрани, процесни приговори, расправи околу докази, темпо на испитување сведоци, па и логистички ограничувања за присуство и безбедност.

Тоа е предвидено во Законот за кривична постапка и Јавното обвинителство морало тоа да го има предвид. Тој што покренал вакво обвинение мора да бил свесен дека брзината на судење за вака поставен обвинителен акт сама по себе не носи правда, ако резултатот е правно кревка пресуда. Не е фер сега тој товар да се става на плеќите на Судот и од него да се очекува чуда. Време е да се седне и да се ревидира обвинителниот акт.

Поврзани содржини