Рубикон

Kај нас се намножија локални „пророци“ кои си играат мижитатара со минатото и сегашноста, опишувајќи ни го минатото што никогаш не се случило и „цртајќи“ ни некаква иднина којашто никогаш нема да се случи бидејќи нивниот светоглед е сепак само провинциско-лукративен, да не речам сељачки. Нивните „нишански справи“ се чисто идеолошко слепило во служба на некакви теснопартиски и групашки интереси, па затоа и резултатите им се такви.

104

Пред само неколку дена – 10 јануари – се падна една важна и од никого одбележана историска, па и цивилизациска, годишнина: 2075 години од оној 10 јануари 49 година п.н.е, кога Гај Јулије Цезар и неговата 13. легија „Gemina“ ја преминуваат рекичката Рубикон како замислена линија на објава на војна на Римската Републиката и маршираат кон престолнината. И чинот на грубото насочување на кутрите коњи во студената вода на Рубикон не е толку важен сам по себе туку е суштински како метафора и како реалност викана – крај на Републиката. Поточно, оттогаш, поимот Рубикон се идентификува со пресвртна точка односно точка од којашто нема враќање, со сите предвидливи и непредвидливи последици што ги носи. А Цезар и неговото преминување на рекичката се токму тоа: му донеле на Рим граѓанска војна и уривање на никогаш повеќе повторената идеја за Република.

Македонската понова историја сосема ретко, ако воопшто, го спомнува овој важен датум/настан во современ контекст, иако во неколку наварати и кај нас суштински случувања значеле преминување на нашиот Рубикон односно нереверзибилен историски пресврт, со различни „последици“. Два такви екстраординарни датуми секако се 11 Октомври 1941 година и почетокот на Народноослободителната војна против фашистичките окупатори (Германија, Бугарија и Италија) и 8 Септември 1991 година како Ден на независноста односно новата Република. Тоа се два споредливи по важност датуми, иако не и по резултатите. Поточно, тоа можеби е прерано да се тврди зашто Втората Република сепак имаше подолг временски период да ги покаже резултатите, но и Третава не е многу далеку по „старост“ (има веќе 35 години односно само 15 години помалку од претходната!) но според резултатите далеку заостанува зад неа.






Иако, се разбира, некој нема со тоа да се согласи, но тоа е само право на лично мислење, а историските односно егзактните факти го говорат токму тоа. Или, поточно, неспоредлив е прогресот и резултатите од него на Втората Република, во секој поглед. Дури, ако сакате, „новата нормалност“ викана самостојна, независна и суверена Македонија континуирано регресира во сите сегменти во однос на периодот 1945-1990 година. Тој факт – и тоа е непобитен факт – е докажлив безмалку во сите области релевантни за проценка на развојот на една држава, од економски до духовни. Во отсуството пак на главниот адут на Третава Република викан демократија – зашто ова што го добивме е само жална збирштина на нечии имитации на тој процес! – тогаш се судруваме со сомнеж, голем сомнеж, дали ние воопшто сме дораснати на некои процеси!?

Оттука, изгледа како третиов пат ние да не сме го преминале Рубикон целосно, туку само сме „цапнале“ и сме останале на полпат во неговите студени јануарски води како во некаква сомнителна стапица поставена од грст инфилтрирани „демократи“ во процесот. Патем, Третата Република како трет македонски Рубикон, изнедри и неколку помали „рубикони“ со несогледливи последици по државата и народот. Меѓу нив, секако, промената на името и меѓународните договори на штета на суштинските придобивки од Втората Република. Но и неколку други, коишто сите заедно сомнежот го димензионираат во непроодна џунгла.

Но, за тоа никој како да не сака да говори, или тоа се прави сосема ретко. Меѓутоа, и тоа ќе мора да се промени. Ако не во оваа 2026 година, тогаш сигурно во некоја блиска иднина – иако би било подобро час поскоро! – некој овде ќе мора да подвлече линија под третиов Рубикон викан самостојна, суверена и независна Македонија и да резимира каде сме, што сме, што сме направиле и дали тоа што сме го направиле е она вистинското што требало да го направиме. И сме ветувале дека ќе го направиме. Не знам кој ќе биде тоа. Можеби некоја нова партија (бидејќи сегашниве се покажаа незаинтересирани, па и неспособни за таков зафат), некој интелектуален круг (иако тоа изгледа речиси невозможно бидејќи такво нешто одамна нема кај нас), некој поединец…, но тоа е реален и можеби најголем предизвик за оваа држава. Ќе има ли некој смелост тоа да го направи?

Или ќе продолжиме како слепци да талкаме низ ова беспаќе ни ваму ни таму, секоја нова власт да има своја нова „приказна“ – дури и за највиталните прашања за државата – но којашто на крајот ќе се распадне во парампарче а ние ќе ги собираме деловите и ќе мериме кој низ „приказната“ успеал повеќе да украде?

Зашто, кај нас се намножија локални „пророци“ кои си играат мижитатара со минатото и сегашноста, опишувајќи ни го минатото што никогаш не се случило и „цртајќи“ ни некаква иднина којашто никогаш нема да се случи бидејќи нивниот светоглед е сепак само провинциско-лукративен, да не речам сељачки. И тоа се случува на секои два-три месеци, ги слушаме и читаме нивните „толкувања“ и „предвидувања“ коишто паѓаат во водите на некое селско поточе минута по самото јавно изговорување. Нивните „нишански справи“ се чисто идеолошко слепило во служба на некакви теснопартиски и групашки интереси, па затоа и резултатите им се такви. А грото од нив се некакви полуписмени универзитетски професорчиња и асистенчиња кои не успеваат ни елементарно да одговорат ниту на предизвиците на основната им професија, но мислат дека можат да се справат со налудничавите геополитички прилики во светот и нивното влијание на Балканот. И произведуваат тони и тони квазитеории за влијанието на сенишните невени врз Македонија, предвидуваат грозоморни Сцили и Харибди за својот народ ако не ги прифати нивните газди како политички фаворити… итн., итн. А всушност, најумни се кога препишуваат од други, што често го прават, ама ако – барем не ги читаме нивните глупости. Иако и самите најчесто не се разбираат. И понатаму, по ѓаволите, веруваат во котвата што влече напред, во – прогрес!? И пишуваат: „оддтука“. Мајко мила.

Од друга страна, оние кои до вчера ја воспеваа силата, моќта, геополитичката надменост на големите, светскиот поредок и меѓународното право…, откако Трамп им влепи неколку звучни шамари од коишто им свират ушите, е сега им се гледаат хорор сцени и им се тресат пачавиците. Ама секогаш другите се аматери и дунстери иако токму тие цели три децении мислат дека го јаваат Астуркус а всушност седат на магаре и нѐ држат на полпат, во мраз водите на Вардар или Треска.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини