ШПАНИЈА ГО КАЗНИ „AIRBNB“ СО 65 МИЛИОНИ ЕВРА Илјадници нелегални огласи го чинат гигантот милиони

Платформата со седиште во САД е казнета за прекршување на шпанските закони, додека локалните жители се борат со растечките трошоци за домување и масовниот туризам.

153

Шпанија ја казни платформата „Airbnb“ со огромни 65 милиони евра поради рекламирање недвижности за краткорочно изнајмување без соодветни дозволи, објави Евроњуз. Одлуката доаѓа во момент кога расте притисокот врз владата да го ограничи туристичкото сместување во време на продлабочување на кризата со домувањето.

Според шпанското Министерство за заштита на потрошувачите, казната е конечна, а платформата со седиште во САД мора веднаш да ги отстрани сите нелегални огласи. Официјалните лица наведоа дека повеќе од 65.000 огласи ги прекршуваат шпанските закони, вклучувајќи рекламирање на имоти без дозволи или со неважечки лиценци.






Казната е шест пати поголема од профитот што „Airbnb“ го оствари од спорните огласи за периодот помеѓу предупредувањето од властите и нивното отстранување.

Шпанските власти наведуваат дека 65.122 огласи на платформата ги прекршиле прописите создадени за заштита на потрошувачите и закупците. Многу од овие имоти се наоѓале во региони каде што краткорочните изнајмувања се ограничени или бараат експлицитно одобрение.

Министерството нагласува дека платформите како „Airbnb“ имаат обврска да проверуваат дали имотите се во согласност со локалните и регионалните прописи. Кога тоа не се прави, краткорочните изнајмувања остануваат на пазарот подолго отколку што треба, намалувајќи го бројот на домови достапни за локалните жители кои бараат долгорочен смештај.

Министерот за права на потрошувачите, Пабло Бустиндуј, истакна дека илјадници семејства живеат на работ поради кризата со домувањето, додека некои компании профитираат од бизнис-модели што ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови.

Барселона стана епицентар на борбата на Шпанија против краткорочните изнајмувања. Градот објави планови за постепено укинување на сите туристички станови до 2028 година, со цел забрана на платформи како „Airbnb“ да продаваат приватно сместување во станбени згради.

Градските лидери наведуваат дека краткорочните изнајмувања ги испразнија населбите, ги истиснаа жителите и трансформираа цели заедници во туристички дестинации. Локалните жители организираат протести, од мирни маршеви до соочувања со водни топови, против масовниот туризам и растечките трошоци за живот.

Други регионални и национални власти следат сличен пат: повеќе од 53.000 нелегални туристички станови неодамна беа отстранети во целата земја, главно во Андалузија, Канарските Острови, Каталонија и Валенсија.

Во 2024 година, Шпанија пречека рекордни 94 милиони странски туристи, и официјалните лица очекуваат бројот да продолжи да расте. Додека туризмот останува клучен за економијата, регулацијата на краткорочните изнајмувања е неопходна за да се балансира економскиот раст со квалитетот на живот на локалното население.

Поврзани содржини