ОТСЕГА СЕКОЈ МОЖЕ ДА СЛЕДИ ДО КАДЕ СЕ ПРОЕКТИТЕ НА ВЛАДАТА Почна да работи новата Платформа proekti.gov.mk
Со само неколку клика сите ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација.
Владата денеска ја промовираше новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата, proekti.gov.mk.
– Ова не е само технички систем. Ова е чекор напред во политичката култура, чекор во модерното управување и силна порака дека државата што ја водиме е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства. За првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор, и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно, да го следи текот на проектите што ги финансира Владата – истакна премиерот Христијан Мицкоски на настанот што се одржа во Клубот на пратеници.
Тој нагласи дека со само неколку клика сите ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација.
– Ова значи вистинска поддршка на истражувачкото новинарство, на јавната отчетност и на информирано граѓанско учество. Ниту еден проект веќе не е „некаде таму“, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив – рече премиерот.
Од првиот јавен повик, финансиран преку средствата што ги обезбеди Владата, опфатени се вкупно 288 проекти со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно близу 75 милиони евра. Сите 288 проекти се започнати. За сите се склучени договори со економски оператори.
Од тие 288 проекти, 193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште 6 проекти тендерската постапка е завршена и нивната реализација започнува многу скоро.
– Ова не се само бројки. Ова се нови улици, плоштади, водоводни и канализациски мрежи, нови паркови, фекални системи, нови спортски објекти, културни содржини, нови училишта и нови градинки. Ова се над 220 капитални проекти во инфраструктурата, над 40 проекти во животната средина, 7 во спортската инфраструктура, 5 проекти во културата, и над 10 значајни инвестиции во образованието – рече Мицкоски.
Преку вториот јавен повик за финансирање на општините, опфатени се 828 нови проекти со вкупна вредност од 13,8 милијарди денари, односно повеќе од 225 милиони евра. И тука се гледа силна динамика: над 50 проекти се завршени или во финална фаза, а за над 500 проекти се потпишани договори за нивна реализација.
Владината портпаролка Марија Митева најави дека Платформата и понатаму ќе се надградува.