Словенско-бугарско-хеленски циркус

Покрај поделбите на леви и десни, радикали и дипломати, христијани, муслимани и атеисти, ние Македонците измисливме уште една: едни се „чисти Словени“, други „чисти Антички Македонци“.

0

Четвртокот вечер уживав во „Вечерното шоу со Богдан Илиевски“ и во излагањето на секогаш одличниот гостин, професор и академик Стојко Стојков. Иако историјата не е мој фах, уживав, затоа што Стојков е еден од ретките историчари кои гледаат интердисциплинарно: историскиот извор е извор, но секој извор е запишан од човек. Затоа треба да се разгледа контекстот, веројатноста, околностите во кои бил создаден – сè за да се доближи човек до историската вистина.

Силен впечаток ми остави делот за „баба Ката од Сандански“ и разговорот што го водела со извесен Христо Тасев, кој ја прашал:






– Вие бевте Грци или Бугари?

Таа одговорила:

– Ние бевме Бугари, оти сме од село. Но, мојата ќерка некаде од 1920 отиде во Џумаја – и стана Гркиња.

Тасев продолжил:

– Не може да станала Гркиња, бабо, таа си останала Бугарка.

А баба Ката остро возвратила:

– Абе како останала Бугарка? Ти реков – отиде во град! Гркиња стана!

– Ама бабо, тоа не се менува со одење во град…

– Абе ти улав ли си? Како ќе биде Бугарка кога живее во градот? Гркиња е!

Оваа вистинска историска случка, запишана во спомените на Тасев, прво ме насмеа, а потоа ме замисли. И тоа не поради Баба Ката, туку поради една баналност што упорно се слуша во меѓумакедонските препукувања околу идентитети, историја и „чистоти“. Покрај поделбите на леви и десни, радикали и дипломати, христијани, муслимани и атеисти, ние Македонците измисливме уште една: едни се „чисти Словени“, други „чисти Антички Македонци“.

Што мислам јас за ова прашање одамна е кажано во мојата колумна „Сага за народот во бестрага“. А што мисли математиката?

Потекнуваме од милиони прародители. Па ако меѓу сите нив некој навистина верува дека е „чист“ Словен, Грк, Бугарин, Албанец, Влав, Србин…  тогаш тоа е само уште едно „дрн–дрн јарина“.

Конкретно, оваа хеленско–словенска поделба ме замисли подлабоко. Да не речам, ме натера да се навратам на значењето на зборот „Хелен“ во антиката, и тоа токму во корелација со случајот на баба Ката. Имено, голем дел од современиот грчки аргумент против постоењето на Македонците како посебен македонски народ почива на тезата дека „Александар бил Хелен“. Доколку сте историски упатени, сигурно сте читале аргументи за и против оваа теорија.

Јас овде не навлегувам во нив. Наместо тоа, при читањето, налетав на извор кој ретко се цитира, веројатно затоа што не ги спомнува Македонците директно. Околу 380 година п.н.е., во време на растечката моќ на Македонската држава, атинскиот ретор Исократ запишал:

„Името Хелени повеќе не означува етнос, туку воспитување и култура; Хелени се оние кои учествуваат во нашата паидеја, а не само оние кои го делат нашето потекло“.

Клучната фраза е „повеќе не означува“. Тоа значи дека некогаш можеби означувало род, но во неговото време веќе доминирала новата дефиниција – Хелен како културна категорија. Така и се создава историската конфузија: некои извори го користат „Хелен“ како етноним, други како социјално–културна титула, спротивна на „варварин“, кој означувал некултурен, прост, неучен човек. И токму тоа објаснува зошто толку автори на антиката не го врзуваат „хеленскиот“ статус со крв, јазик или генетика. Го објаснува и моментот дека Македонци често и за себе велеле дека се Елини.

Во таа смисла, Александар, кој зборувал јазик недоволно разбирлив за Хелените „по род“, можел да биде сметан за Хелен „по култура“.

И кога ќе ги додадеме аргументите во погоре споменатата колумна „Сага за народот во Бестрага“, нашата денешна поделба на „чисти Словени“ и „антички Македонци“ станува беспредметна. Ние сме континуитет на сите. Врз современата македонска култура и идентитет влијаеле сите. Од кралевите на Македонија во антиката, до луѓето кои ја формирале современата држава. Кој и колку може да ви одреди генетиката, но во денешниот современ свет, повторно е важна културата и самоопределбата. Ако утре сакам да сум Кинез, ќе сум, па макар немал коси очи, и бил генетски од Балканот.

Историјата е сложена, разновидна и човечка. Ние сме резултат на милиони корени, а не на два. А кога човек ќе сфати дека „чисти народи“ постојат само во фантазијата, станува јасно дека најголемиот циркус на Балканот не е хеленско–словенскиот, туку нашата упорност да веруваме во него.

Поврзани содржини