„Бувљакот“ на вештачката интелигенција

Најчесто, па и најскапо продаван производ денес се токму измислиците наредени на „независните“ односно „непартиските“ полици на македонската политикантска вештачка интелигенција. 

926

Сепак, пред да започнам со минатиот пат посочените главни текови на идеолошката „мисла“ на македонската политикантска вештачка интелигенција која од пазувите на сегашниот куќен совет се повикува на некакво нивно право на државотворност како наследници на СКЈ и СКМ, претходно мора да биде посочен еден исклучително важен аспект во сите нивни наводно интелектуални глаголења: тоа е (најчесто) платформата на некакво (самопрогласено) независно односно непартиско, непристрасно рамниште коешто, веејќи го тоа лажно знаме, сака „експертски“ да пресудува за нештата на оваа страотно политизирана сцена. Или овој политизиран бувљак, како сакате, каде се продава и се купува сѐ, а најчесто – лаги. За скапи пари!

Најчесто, па и најскапо продаван производ денес се токму измислиците наредени на „независните“ односно „непартиските“ полици на македонската политикантска вештачка интелигенција.






Иако таа нејзина наводна независност односно непристрасност е само фасада, инструмент за продавање експертска непартиска магла, лесно читлива и препознатлива поради нивниот континуиран партиски бекграунд и идеолошка позиционираност коишто тие невешто се обидуваат да ги сокријат како онаа народната – „како змија нозете“. И мислат дека со тоа ги сокриле нивните блиски релации со посочениот денешен куќен совет или со нивните претходници од крилата на, на пример, Заев или Шеќеринска, па дури и на оној „тенкистот“ кој и понатаму глуми некаков социјалдемократ… Не сакам да кажам дека некои „гласови“ не допираат дури и од таборот на сѐ уште актуелниот Црвенковски, или можеби и „службите“ – којзнае? – коишто, очигледно, остануваат вечен партнер на македонската политикантска сцена.

И сите тие, со нескриена поддршка и на некои странски „информативни“ портали, комплетно се вклопуваат во оваа и ваква Македонија – или Скопје, под рефлекторите на актуелните избори – како некаква бедна провинциска копија на Виена од времето на „Третиот човек“. Само без истрели, за среќа, зашто сега „војувањето“ е кренато на повисоко рамниште, нели. Сега самите актери се куршумите, иако тоа (уште) не го знаат.

Како што не го знаат ни оние кои влетуваат во такви провинциски комбинаторики па тртљаат што ќе им падне на памет или што некој ќе им го дошепне, како впрочем некакви „експерти“ за културно наследство кои бистрат градска политика, па координатори на советнички групи кои сега глумат „независни“ политиканти, па дури и партиски кандидати за градоначалници кои преку ноќ се трансформирале во „личности“ наспроти партии… итн. И, секако, порталите што ги „консултираат“, па „неопределените“ кои ги цитираат… А сето тоа најизразено кога има некакви избори, како сега! Сега, довчерашни шефови на министерски кабинети, нереализирани дипломати, разноразни локални „баба ванѓи“ и срцепарателни бивши „општествено-политички работници“, преку ноќ се преоблекуваат во „непристрасна“ вештачка интелигенција која објаснува, дели совети, благо навива (секогаш) за „левата“ страна…

А бидејќи Скопје на сите им остана трн во окото по катастрофалниот пораз на кандидатите на куќниот совет, одеднаш и бившата „градоначалничка“, онаа која не сакаа името да ѝ го спомнат и која апсолутно ќе остане запишана како најнеспособниот градоначалник на главниот град во неговата понова историја, преку ноќ станува жртва на некаков најголем „политички конфликт во историјата на Македонија“ (sic!), дури и на некакви „лични одмазди“ (бре, бре, бреее), оние пак кои таа ги нарекуваше „уличарки“ сега ја бранат во јавноста и го окривуваат Советот итн. И приказната, онака „објективно“ и „непристрасно“, добива несогледливи пропорции во коишто најголемиот дунстер и неработник на позицијата градоначалник на Скопје „низ досетки и вицеви“ си обезбедила во јавноста и симпатии! Неверојатно.

Како што е можеби уште по(не)веројатна актуелната „непартиска“ авантура на оние две самопрогласени „независни“ персони кои по нивните трагикомични „центарски“ кандидатури сега почнуваат малку позависно и калкулантски да се определуваат. И битката за градоначалничките позиции во Скопје, се разбира, е само мал сегмент од секојдневните бомбардирања на јавниот простор со секакви „непристрасно“ навивачки изјави, колумни, стории, истражувања…, сѐ во полза на една групација која се надева дека е возможно граѓанинот да го убеди во – невозможното! А сето тоа, во самата суштина, има само профитерска основа, проста трговска размена на глас, или гласови, во јавноста за возвратни услуги, позиции, идни бизнис зделки или трампи…

И, се разбира, ваквиот широко отворен фронт, оваа општа војна секој против секого, ѝ погодува само на македонската политикантска вештачка интелигенција и нивните дај-дам политики што се продаваат често и за багатела, како на бувљак. Само што никогаш не знаете дали „нештото“ што го купувате таму е функционално, исправно, регуларно… А куќниот совет и јавниот простор, секој заради свои интереси, купува сѐ што му подметнуваат неговиве гласноговрници. Меѓу другото и оние одамна ветви „оценки“ за некакви „завојувани страни“, за „меѓупартиски пресметки“, …, како тоа да е феномен само кај нас односно на македонската политика, за разлика од европските политички води каде сѐ функционира мазно, пријателски, безмалку братски…

Од друга страна, и вештачката политикантска интелигенција не би била барем некаква „интелигенција“ ако на политичкиот бувљак не ги пласира своите „мудри“ пелтечења врз најгорливите прашања. На пример – ѓубрето како наш историски симбол. А можеби некој навистина и свикнал така да живее, нели? А впрочем, што, во крајна линија, е политичкиот бувљак ако не место за пласирање на политикантското ѓубре? Донесено од дома или украдено од надвор. И тоа го прават со децении! Ама затоа омилена им е флоскулата дека „државата смрди од главата“. Прво, забораваат дека тие секогаш биле блиску до „главата“, ама изгледа тогаш не им смрдело? И второ: ако главата смрди така, како ли корне опашката? Плус, да не корнеше толку опашката – онаа „независната“, „непристрасната“, „објективната“ – ќе смрдеше ли толку главата?

А впрочем: не е овој „народ затрупан во ѓубре“ само од страна на политичарите туку вештачката интелигенција толку го затру јавниот простор со секакви гадости што повеќе смрди од ѓубрето! Но никој не говори за тоа, како тие да имаат некакво ексклузивно право да нѐ трујат со нивните глупости.

Згора на другото, на „тезгата“ на бувљакот на оваа групација вештачки мудреци се појавува дури и шизматичната теза дека „строго партиските гласачи не можат и не смеат да бидат заменети со она мноштво што го нарекуваме народ“ (sic!). Што ќе рече дека тие се нешто друго, различно од народот? На пример – што? Стока, како што ги нарече еден бивш „претседател“ на државата? Па „одозгора на тога“ – што би рекол „идеологот“ на оваа групација – дури и за катаклизмата на сдсм (малите букви се…) се наоѓа некакво небулозно оправдување во чуден „триумф на идеологијата и политиката“ и „докажаната машинерија, каква што е ВМРО ДПМНЕ“ небаре оние другине, оние потопенине, беа/се невладина организација или детска градинка!)!

Мислам, видете, и бувљакот трпи сѐ и сешто само за да продаде нешто, ама на луѓето сепак не може да им продаде „фиромци“ за Марсовци, нели? Или вештачката политикантска интелигенција – може?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини