Реторика без систем не е менаџирање
Наместо законска и институционална поддршка на творештвото, Министерството за култура шест години ја одложува реформата на симстемот за авторски и сродни права, со што ја деградира сопствената стручна служба до нефункционалност.
Министерот за култура Зоран Љутков неодамна изјави: „Повеќе креација, помалку администрација. Кога уметникот твори, а менаџерот менаџира, културата станува видлива, динамична и одржлива“.
Оваа порака на прв поглед звучи како повик за ослободување на креативната енергија од административните ограничувања. Но, актуелната состојба во културата, особено во заштитата на авторските и сродните права, потврдува нешто спротивно, зашто неговиот слоган стана алиби за институционална некомпетентност.
Министерството за култура е институција што ја формулира и спроведува националната културна политика. Тоа подразбира не само финансирање на уметнички проекти, туку и одржување на правната и институционалната рамка која овозможува културниот систем да функционира.
Во таа смисла, Законот за авторско и сродно право е еден од најважните инструменти за заштита и поттикнување на творештвото. Но, Министерството веќе шест години го повлекува овој закон од собраниска процедура, и покрај тоа што измените се неопходни за усогласување со Директивата 2014/26 и Директивата за дигитален единствен пазар на ЕУ.
Ова одолговлекување не е административно прашање туку прашање на управување и на одговорност. Секое дополнително одложување го продлабочува правниот вакуум во кој се наоѓаат авторите, уметниците изведувачи и продуцентите, оставајќи ја културната продукција без заштитен механизам и без јасни правила на пазарот.
Откако Министерството, од за нас непознати причини, не ја срповеде Одлуката на Владата од 2007 година, со која надлежноста врз Законот за авторско и сродни права, требаше од Министерството за култура да премине во нов орган за интелектуална сопственост, кој ќе биде надлежен за правата што произлегуваат од интелктуалните активности од уметноста, науката, литературата и индустријата, наместо да го зајакне капацитетот за стручна и регулаторна поддршка, го деградираше секторот за авторско и сродно право во одделение, што нема директна врска со оваа материја. Со само еден службеник задолжен за оваа комплексна и динамична област, практично е оневозможено спроведување на ефикасен надзор, експертска анализа и институционална координација со колективните организации.
Иако Уставниот суд на мои иницијативи поништи и укина повеќе одредби од правилниците на ЗАМП, одделението за авторско и сродно право при Министерството за култура не постапува по реагирањата на носителите на права за вршење надзор над работата на единственото Здружение за колективно управување со авторски права и не го почитува законот.
Овој институционален пропуст е одамна нотиран и во извештаите на Европската комисија, која континуирано укажува на некомпетентноста и na недоволните административни капацитети на Министерството во оваа област.
Дополнително, носителите на сродни права – уметниците изведувачи и продуценти – со години не можат да ги добијат своите тантиеми, бидејќи постапките се блокирани со „претходни прашања“ без законска основа, додека медиумите и други корисници продолжуваат бесплатно да ги користат нивните изведби.
Ова не е прашање на администрација, туку на целосно институционално занемарување на една законски уредена област од јавен интерес.
Одговорното менаџирање не значи укинување на администрацијата, туку нејзино осмислување. Културниот систем не може да функционира без административна структура. Но, разликата меѓу администрација и менаџирање не е во тоа дали постои бирократија, туку во тоа како таа се користи: администрацијата ги спроведува правилата; менаџирањето создава услови, стратегии и резултати.
Кога министерот зборува за „повеќе менаџирање“, тој всушност зборува за сопствената улога како оној што треба да ги насочува процесите, да воспоставува политики и да гарантира институционален интегритет.
Затоа, секој повик за „помалку администрација“ без паралелно јакнење на управувачката структура е само декларативен и без вистинска содржина.
Фразите за „повеќе креација“ може да звучат инспиративно ако се поткрепени со системски мерки што ја поткрепуваат креативноста и ја штитат нејзината вредност. Но, без правна рамка и без институционална поддршка, тие се само празен слоган.
Вистинското менаџирање на културата не се мери со слогани, туку со усвоени закони, стручни институции и со отчетни политики. Во спротивно, тие претставуваат обид за симболично дистанцирање од реалните обврски на Министерството – законодавни, институционални и надзорни. Сè друго е администрација под маска на инспирација.
(Авоторот е истражувач за авторски и сродни права и културна политика, со повеќегодишно искуство во областа на колективното управување со правата на музички автори, изведувачи и продуценти. Врз основа на негови иницијативи за поведување уставна постапка против Правилнкот за распределба на ЗАМП, Уставниот суд поништи и укина повеќе негови одредби.)