ВАСЕВ КАКО ДИРЕКТОР СЕ ПОТПИШУВАЛ НА Т.Н. УСЛОВНА ТЕРАПИЈА Управиот одбор одлучувал за набавките на лекови и барал согласност од ФЗОМ

Лекови на реверс се примале во аптеката на Клиниката за онкологија, меѓутоа исклучиво со писмено потпишано барање од директор, кое претходно е архивирано, сведочеше денеска раководителка на Клиничката аптека на судењето за предметот Онкологија 2 против поранешните директори Нино Васев и Нехад Нухи.

862

Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за „Онкологија 2“, кој се води против поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и протов економскиот директор Нехад Нухи, за несовено работење и за финансиски криминал.

Прво беше сослушан сведок – шалтерска работничка на Клиниката за онкологија, додека директор бил Нино Васев, која објасни како се постапувало со пациентите. Таа посочи дека откако ќе дојде пациентот кај нив со книшка и бројче се вади неговата здравствена историја и се дава на докторот, а по прегледот таа се заверува.






– Ако треба да прима дневна терапија вадиме упат и правиме финансика пресметка – појасни сведокот.

Според сведокот за т.н. условна терапија додека директор бил Нино Васев се потпишувал тој, а сега секој втор четврток има стручен колегиум на кој присуствуваат сите шефови на оддели и се потпишуваат на една листа.

Вториот сведок, вработен во приватна здравствена установа во Валандово и надворешен член на Управниот одбор на Клиниката за онкологија од 2018 до 2023 година, рече дека УО по барање на директорот на Клиниката носел одлука за набавка на лекови, но дека теркот бил таков што Министерството за здравство во име на Клиниката распишувало тендери за набавка на лекови.

– Во УО имаше внатрешни членови кои секојдневно примаат терапија и самиот како лекар од терен гледам дека бројот на лица со малигни заболувања е сè поголем. На седниците на коишто сум бил присутен, со оглед дека на голем број не сум бил присутен, но по исказот на колегите знам дека имало потреба од терапија за пациентите и најверојатно сме дозволувале набавка. Ние не навлегувавме, не знаевме што и како се набавува – изјави сведокот.

Според сведокот УО носел одлуки за набавки, но никогаш не биле безусловни. Тој појасни дека на сите седници на кои присуствувал било нагласувано тоа да биде со согласност од Фондот за здравствено осигурување.

На седниците на УО, додаде тој, немало официјална информација за презадолженост на Клиниката, но уште тогаш имало допис до ФЗО дека ако не се направат плаќањата преку Фондот, Клиниката ќе дојде во незавидна финансиска ситуација.

Сведокот рече и дека Управниот одбор на крајот од годината ја усвојувал Годишната завршна сметка.

Прашан дали имал комуникација со Нино Васев и со Нехад Нухи за работењето на Клиниката, сведокот рече дека на почетокот кога седниците биле во живо доаѓал медицинскиот директор Васев на седниците, а имало седници на кои само ќе се поздравел и ќе заминел. Потоа, по короната, седниците се одржувале онлајн. Сведокот рече и дека немал комуникација со Нехад Нухи.

Третиот сведок, вработена на Клиниката за онкологија како раководител на Клиничката аптека од 2012 година, рече дека аптеката е претставува магацински простор што врши прием на лекови, со нивна контрола, кои потоа се дистрибуираат до одделите на Клиниката.

– Приемот на лекови се врши само во аптека, а дел од лековите во смисла на симптоматска терапија и одделни цитостатици може да се најдат и во други оддели. Лековите од условениот буџет се требуваат по пациент и би требало да се аплицираат во текот на истот ден – рече сведокот.

Сведокот нагласи дека реверси како колична на лекови се примале во аптеката на Клиниката, меѓутоа тоа било исклучиво со писмено потпишано барање од директор, кое претходно е архивирано.

Според сведокот, на Клиниката се правела и набавка на лекови од условен буџет на реверс пред да биде склучен договор со набавувач и да биде завршена јавната набавка.

– Цврста нарачка се прави кога договорот за јавна набавка е завршен и се става број на договор, со барање за реверс таков број не постои – појасни сведокот.

Лековите на реверс, сведокот рече, се примале на ист начин како и лековите кои се примени на цврста нарачка и биле заведени електронски.

На почетокот на денешното рочиште Судот информираше дека републичкиот јавен обвинител го известува бранителот на Васев дека не се исполнети условите за изземање на јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, затоа што таа по предметот навремено и совесно ги извршува сите работи.

Судот, исто така, информираше дека донел и решение со кое се одбива барањето на одбраната за изземање на вештакот Елизабета Дамевска Јовановска, со оглед дека не се исполнети условите за нејзино изземање.

– Не е спорно дека Елизабета Дамевска Јовановска извршувала функција в.д. економски директор од 2015 до 2017 година, кога на тоа место е именуван второобвинетиот Нухи, а за директор на Клиниката е именуван првообвинетиот Васев. Со оглед на нештата, обвинетиот и вештакот не биле вработени во иста институција во исто време. На 14.7.2017 година таа е пријавена како вработена на друго место, во заедничките служби на Клиниката – рече судијката Славица Наумовска Јосифовска.

Обвинетите Васев и Нухи на почетокот негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходните медицински и економски директор на Клиниката, кои биле сменети од Васев.

Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година.

Во обвинителниот акт стои дека кривичното дело Злоупотреба на службената положба обвинетите го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Закон за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки. Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари (речиси 36 милиони евра).

Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата бидејќи извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Македонија да изврши незаконита исплата. На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари (речиси 7 милиони евра).

„Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела, набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин“, стои во обвинителниот акт.

Воедно, обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор извршил и кривично дело – проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требована количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари (32,5 илјади евра).

„ВЕШТАЧЕЊАТА ГИ НАПРАВИЛЕ МОИТЕ ПРЕТХОДНИЦИ КОИ ЈАС ГИ СМЕНИВ“ Васев негира вина и тврди дека ја спасил Клиниката за онкологија од долгови

Поврзани содржини