Денешниот живот не може да се замисли без ладење

Топлинските пумпи се всушност ладилни уреди, а тоа се согледува од клима уредите кои служат и за ладење и за греење. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), иднината на греењето на просториите е во примената на топлинските пумпи со кои се постигнува нула емисии на стакленички гасови (ако за нивниот погон се користи електрична енергија од обновливи извори).

219

Претпоставувам дека читателите не знаат дека постои Светски ден на ладењето, тоа е 26 јуни https://worldrefrigerationday.org/. Воспоставен е од 2019 година, а датумот е избран според роденденот на Лорд Келвин познат по температурната скала.

Светскиот ден на ладењето е меѓународна кампања за подигање на свеста и за истакнување на значењето на секторот за ладење, климатизација и топлински пумпи што ја има во современиот живот и општеството. Ладењето е во самото срце на современиот живот. Им овозможува на луѓето удобно да живеат, да работат и да патуваат. Им овозможува на луѓето да задоволат разни потреби (на пример чување храна) и да реализираат разни цели во животот.






Примените на ладењето се разновидни: за чување прехранбените производи кои траат многу подолго и се побезбедни; ладење (климатизирање) на простории вклучувајќи и болници каде се вршат и хируршки операции; за греење на простории на еколошки начин (во режим на топлинска тумпа); ладење на вакцини за да се достават безбедно до милиони луѓе на кои им е потребна помош; за зимски спортови на мраз и снег; за климатизација на разни сали (театри и др.); ладење на центри за податоци и разни компјутерски и комуникациски системи (интернет, телефонски централи…).

Повеќе од 15 милиони луѓе се вработени низ целиот свет во секторот за ладење. Вкупниот број на системи за ладење, климатизација и топлински пумпи што работат низ целиот свет е околу пет милијарди. Овие системи ги обезбедуваат условите што ни се потребни за здравје, удобност, продуктивност на работниците, производство и чување на храна, фармацевтски производи и дигитални податоци. Искусни професионалци конструираат, градат, одржуваат и регулираат, како и едуцираат нова генерација практичари.

Во секој дом има фрижидер за чување храна, а некаде и плус уште еден само за замрзнати продукти. Трајноста на многу земјоделски производи и прехранбени продукти (млеко, месо…) ќе биде многу пократка ако не се чуваат на пониски температури. Постои т.н. ладилен синџир од бербата (производството) до консумирањето. Ако недостасува една алка, може да дојде до расипување што ја прави храната небезбедна за консумирање за луѓето.

Речиси во секој дом има клима уред за ладење на воздухот во просториите, а поради жештините од климатските промени нивната употреба станува сѐ помасовна.

Топлинските пумпи се всушност ладилни уреди, а тоа се согледува од клима уредите кои служат и за ладење и за греење. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), иднината на греењето на просториите е во примената на топлинските пумпи со кои се постигнува нула емисии на стакленички гасови (ако за нивниот погон се користи електрична енергија од обновливи извори).

Речиси секоја фабрика во Македонија има ладилни системи кои служат за примена на одредена технологија во производството. Да наведам само неколку: млекарници, пиварници, фабрики за производство на чоколади и бомбони, безалкохолни пијалоци итн.

Индустријата за ладилна опрема доживеа земјотрес поради оштетувањето на озонската обвивка на планетата Земја. Во сите ладилни уреди струјат работни флуиди под притисок кои во минатото беа вештачки супстанции наречени фреони кои ја оштетуваат озонската обвивка. Во последниве децении се направи замена со нови вештачки флуиди, но тие имаат голем потенцијал на глобално затоплување на Земјата. Затоа, денес е во тек нова трансформација каде што се користат природни ладилни флуиди (амонијак, јаглерод-диоксид и јаглеводороди) кои не се штетни за животната средина, но потребни се некои безбедносни мерки.

Република Македонија беше предвесник на оваа трансформација пред повеќе од 20 години бидејќи организираше десет меѓународни конференции во Охрид на тема примена на природни ладилни флуиди заедно со Меѓународниот институт за ладење (IIR) од Париз. Повеќе детали за ова може да се видат на интернет страницата на конференцијата www.mf.edu.mk/web_ohrid2023/ohrid-2023.html.

Во Македонија имаше голема фабрика (Фринко во Битола) за производство на ладилна опрема: домашни фрижидери, комерцијална опрема и системи за индустриски ладилници. Но во процесот на приватизација (пред околу 25 – 30 години) фабриката пропадна и беше ликвидирана, што според мене беше голема грешка. Некаде околу 1960 година во оваа фабрика работел Густав Лоренцен од Норвешка како експерт на Обединетите нации. Подоцна стана професор и познат научник во светот и денес е најцитираното име во ладилната техника.

Подолу е една фотографија од него направена во Охрид во тоа време. Ако некој од читателите на овој текст најде некоја негова фотографија од престојот во Македонија, молам да ми ја испрати, а јас ќе се обидам да ја проследам во меѓународни кругови заради промоција на нашата земја.

Научникот Густав Лоренцен (десно) во Охрид пред 65 години

 

Професор д-р Ристо Цицонков, од Машинскиот факултет во Скопје е почесен член на Меѓународниот институт за ладење (IIR) со седиште во Париз.

 

 

Поврзани содржини