„БЕХТЕЛ И ЕНКА“ РАБОТИ СО ПОЛНА ПАРЕА НА КОРИДОРИТЕ Првите 40 км од автопатот Кичево-Охрид ќе бидат готови до 10 јули
Реализацијата на четирите автопати во изградба (Кичево-Охрид, Гостивар-Букојчани, Гостивар-Тетово и Прилеп Битола) во должина од 150 километри, во првите четири месеци од годинава споредено со минатата година е четирипати поголема, а се очекува да биде осумпати поголема во вториот и во третиот квартал.
Се работи на тоа првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид да бидат пуштени до 10 јули, а до крајот на месецов и експресната делница Дреново-Фариш, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Битола.
Реализацијата на четирите автопати во изградба (Кичево-Охрид, Гостивар-Букојчани, Гостивар-Тетово и Прилеп Битола) во должина од 150 километри, во првите четири месеци од годинава споредено со минатата година е четирипати поголема, а се очекува да биде осумпати поголема во вториот и во третиот квартал.
– Во делот на автопатот Кичево-Охрид очекувам на почетокот на јули, ќе доциме две недели од она што го кажавме пред една година, можеби можевме да го завршиме порано 10-ина дена. Таму секој ден на терен се и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и министерот за да ја стигнеме динамиката, некаде до 10 јули да биде пуштена делницата од Врбјани до Охрид со исклучок на делот кај Ботун, четири-пет километри каде има свлечиште кое треба да се санира. Значи, ќе бидат ставени во функција 40-ина километри. Тука имаме доцнења во делот на проектирањето на свлечиштата што треба да се санираат, но мислам дека успеавме да ги мотивираме компаниите да го фатат рокот и целосно да го пуштиме патот до крајот на 2026, почетокот на 2027 година – изјави Мицкоски.
На автопатот Прилеп-Битола до крајот на месецов ќе бидат завршени имотно-правните работи на над 80 проценти од трасата. Таму се заокружени истрагите поврзани со пронаѓање експлозивни направи.
– Рокот се забрза за разлика од состојбата од пред една година кога беше до никаде, сега веќе е отворен фронт од 20-ина километри. Се работи и ќе биде испочитуван рокот кој е дел од Договорот – рече Мицкоски.
Според него, отворен е поголем фронт за работа и на автопатот Гостивар-Букојчани, каде веќе се готови носачите од Гостивар кон Стража, а во најголем дел е пробиена трасата. Работите одат со една солидна динамика, а надмината е пречката со наоѓалиштата од античко време, така што, се очекува и тука да има исклучително голема рализација.
Во фаза на претквалификација е патот Букојчани-Кичево. Овој процес е придвижен, отворен е поголем фронт за работа на Тетово-Гостивар, некои 10-15 километри, имотно-правни односи и трасирањето.
Се очекува до крајот на месецов да биде пуштена делницата Дреново-Фариш на експресниот пат Градско-Прилеп откако е решена состојбата со карпата и се расчистува патот.
Премиерот најави дека во општините ќе има нови 1.200 градилишта со инфраструктурни проекти од двата повика на Владата.
– Кога сето ова ќе се спореди со летаргијата што функционираше изминатите години „Битно е да крадеме, а не да градиме“, тогаш мислам дека се чувствува разликата и поместувањето во позитивна насока – изјави Мицкоски.
Извештајот од надзорот за прогрес на работите за автопатските делници на коридорите 8 и 10д што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ за периодот од 1 до 30 април годинава покажува дека се завршени 95 проценти од проекциите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар, 46 проценти за Гостивар-Букојчани, а 78 проценти за делницата Прилеп-Битола.
Според Извештајот, објавен вчера на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 73 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти.
Надзорот регистрира напредок од 60 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, 30 проценти за Букојчани-Гостивар и 49 проценти за Прилеп-Битола.
Како што информираа претходно од ЈПДП, од градежните активности што се одвиваат на трите делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола) се земјани работи на главна траса, изградба на пропусти, армирање и бетонирање на мостови, регулирање на времени сообраќајни режими, се вршат ископи и се изведува заштита на косини. Сите активности се одвиваат со зголемена динамика.
На „Бехтел и Енка“ досега ѝ се исплатени вкупно 301.088.222,79 евра. Во април годинава, според Извештајот на надзорот, имало две исплати од државата преку ЈПДП, од 599.794.350 денари на 22 и од 524.972.228 денари на 30 април.
Изведувачот заклучно со април ангажирал 1.833 лица и 1.082 градежни машини.
Кон „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д заклучно со минатата година се исплатени 261 милион евра, а годинава за таа намена во буџетот на Министерството за транспорт се предвидени 130 милиони евра. Планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри.
Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра е склучен во март 2023 година.