БРЗА ЖЕЛЕЗНИЦА НА 2 КОЛОСЕКА Најдолгите возови на светот од 750 метри ќе возат по карго пругата
Доколку нè послужи времето на крајот од октомври и почетокот на ноември очекуваме да почне изградбата на брзата железница, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Во моментов Владата има подготвени проекти за околу 2 милијарди фунти, што би било околу 2,2 или 2,3 милијарди евра и тоа се првите проекти со кои ќе стартуваме во периодот кој што следи пред нас, а поврзани со договорт за Стратешко партнерство со Обединетото Кралство, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Првиот голем проект е брзата железница, односно брзата пруга на Коридорот 10, која што треба да оди од Табановце до Гевгелија, односно од границата со Србија до границата со Грција. Ќе се користи постојната рута, односно ќе се оди по рутата од Табановце која поминува покрај Куманово, влегува во главниот град Скопје, оди до новата железничка станица и надолу се спушта по реката Вардар и ја користи долината на реката Вардар, поминува Велес, Неготино, Демир Капија, Гевгелија и излегува на границата со Грција. Со тоа што, тоа нема да биде обична реконструкција на пругата во смисла се вадат старите пруги, се ставаат нови пруги, туку ќе е една целосно нова линија со два колосеци. Ние во моментов имаме линија која што е со еден колосек и која што е, за жал, во очајна состојба – рече Николоски.
Потенцираше дека целта е да имаме двоколосечна линија, по едниот колосек да транзитираат патничките возови кој што би се движеле со брзина од 160 километри на час и погоре. Toa значи, додаде, дека цела Македонија ќе се поминува, од граница до граница, за околу час и 15 минути до час и 20 минути.
– Постојната линија од Табановце до Гевгелија е 235 километри, а ова ќе е права линија, па очекуваме да се намали и бројот на километри, некаде за 20 до 25 километри. Вториот колосек ќе биде карго колосек, каде што ќе транзитираат само товарните возови кои што треба да оперираат со брзина од 110 до 120 километри на час, што е најголема брзина за карго воз. Таму ќе може да транзитираат возови со 750 метри, што се најдолги возови во светот што воопшто постојат. Тоа ќе значи Македонија директно ќе се отвори за јужните пристаништа. Нашата пресметка е дека доколку Македонија ја постигне целта која што ја презеде со Планот за раст од 327 илјади тони по километар превезена роба, во тој случај само од транзит треба да добива 120 милиони евра годишно, што значи дека инвестицијата во пругата ќе се врати – истакна вицепремиерот Николоски.
Во врска со патничкиот сообраќај, за некаде до 140 минути ќе се стигнува до Солун, додаде тој.
– Затоа што веќе имаме разбирање со грчката влада дека во моментот кога ќе почне да се гради пругата на наша страна, ќе почне да се гради и на грчка страна – додаде вицепремиерот Николоски.
Тој соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада.
– Следната недела ќе патувам за Лондон и ќе ја имам таа чест во името на Владата на Македонија да го потпишам договорот со Владата на Велика Британија, тоа е договор Влада со Влада, договор кој што ги утврдува овие полиња на економска соработка и оваа рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарди евра, кој што се ставаат на располагање на Македонија. Со мене ќе има и други министри од Владата, така што очекувам деновиве да излеземе со детали, но веќе е дефинирано дека посетата ќе биде следната недела и таму ќе имаме средби на највисоко ниво. Еве можам да кажам еден куриозитет кој што мислам дека многу говори за симболиката, знаете во големите држави симболиката многу значи. Најавено е дека потпишувањето ќе биде во кабинетот кој што Винстон Черчил го користел во Втората светска војна, што мислам дека многу говори за симболиката да ја дадат од Велика Британија, да се потпише во кабинетот на историската личност број еден во Велика Британија – истакна вицепремиерот Николоски.
Николоски образложи како ќе се одвива постапката по потпишувањето и почетокот на работите на терен.
– Нашиот календар е следен, следната недела да се потпише договорот. Потоа тој треба да биде ратификуван од страна на македонската Влада и македонското Собрание, како и од страна на британската влада, таму е поедноставна процедурата. Потоа, врз основа на овој договор да почнеме да ги конкретизираме и да ги пишуваме договорите за брзата пруга, за болниците и за финансиската компонента. Истите потоа да бидат презентирани пред Владата и пред Собранието, и еве да не е преамбициозно, но очекувам дека до крајот на летото, не подоцна од крајот на август, сè ова да биде ефективно, да имаме мобилизација во месеците септември, октомври, и да ги видиме машини на терен доколку нè послужи времето на крајот од октомври и почетокот на ноември – рече вицепремиерот Николоски.