НЕУСТАВНОТО СЈО БЕШЕ СЕРИОЗЕН УДАР ВРЗ ПРАВДАТА Недовербата почна со политичкиот избор на судии во периодот 94-98 година
Не можете со неправда да донесете правда, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Формирањето на Специјалното јавно обвинителство претставуваше сериозен удар врз правдата, а уште од самиот почеток беше поставено на неуставни основи., рече премиерот Христијан Мицкоски.
– Чувството кај граѓаните потекнува од, условно кажано, би рекол, работи кои се случија во минатото и коишто мислам дека зададоа силен удар врз правдата во Македонија. Првиот е оној период 94–98 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше вонпарламентарна опозиција и кога судиите се избираа во Собранието. Кога практично тогашната власт, којашто беше со акламативна моќ, избра стотици судии од коишто дел се сè уште активни судии. И тоа беше политички обоена структура – рече Мицкоски во гостување на ТВ21.
Вториот удар на правдата е кога се донесе оној имплант СЈО, додаде Мицкоски.
– Тотално неуставен имплант кога од тие коишто требаше да ја донесат правдата, ништо повеќе од естрада не видовме. Тогаш се правеа беџови, маици се штампаа, капи се носеа, дуксери СЈО. Не можете со неправда да донесете правда. Од самиот старт тој имплант е неправен, неуставен. Не може да делувате на тој начин. И за тој имплант се виновни сите партии, бидејќи консензуално беше донесено. Сега не сакам да ја оградам ВМРО-ДПМНЕ. Јас не ја исклучувам ВМРО-ДПМНЕ. Но, тој имплант создаде таква перцепција, уште посилна кога се случи третиот проблем. А тоа е кога заврши во еден куфер пари. Сè се тоа процеси кои во граѓаните создадоа чувство на недоверба во правдата – дециден е Мицкоски.