ПОЛИТИКА СЕ КРИЕ ЗАД СЛУЧАЈОТ СО МИХАИЛОВА Бугарски политичари и македонската опозиција сакаат да ѝ наштетат на Владата

Она што мене повеќе ме загрижува е состојбата што на ниво на хистерија ја направија одредени медиуми и политичари кај нашиот источен сосед. Не се проблемот односите меѓу двете држави, туку да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, покажувајќи некаков тип на политички мускули во координирана акција и јавна дебата со македонската опозиција, и тоа е очигледно, вели премиерот Христијан Мицкоски.

0

Зад случајот со Ива Михаилова се крие политичка позадина за да ѝ се нанесе штета на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е синхронизирано со опозицијата во земјава, вели премиерот Христијан Мицкоски.

– Она што мене повеќе ме загрижува е состојбата што на ниво на хистерија ја направија одредени медиуми и политичари кај нашиот источен сосед. Не се проблемот односите меѓу двете држави, туку да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ и на мене, покажувајќи некаков тип на политички мускули во координирана акција и јавна дебата со македонската опозиција, и тоа е очигледно. И македонската опозиција ќе прави политички притисок врз актуелната Влада и на тој начин тие ценат дека политичката репутација на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја намалат во очите на граѓаните – рече вечерва Мицкоски на гостување на ТВ21.






Тие создаваат иста теза, додаде тој.

– Ако забележите, медиумите кои се провладини кај нив и нашата македонска опозиција што имаат заедничко? Заедничка е тезата дека ова било договорено. Добро, еве ако е договорено, сега има меѓународна потерница, ве молам испорачајте ги. Бидејќи имаме меѓународна потерница. Ако не ги испорачаат, тоа значи дека нивната теза не е вистина – рече Мицкоски.

Тој рече дека Михаилова не поминала на легален граничен премин во Бугарија.

– Границата е помината нелегално. Штом јас ви го говорам ова, ви го кажувам со голема доза на прецизност. МВР тоа го истражува и ќе дојдеме до одговорите, но нема никаква вистина со она што го зборуваше адвокатот којшто сам по себе има одредено проблематично минато – истакна Мицкоски.

Тој не гледа пропуст кај институциите во државата и повтори дека правдата ќе ги стигне и Ива Михаилова и нејзиниот татко правосилно осуден во случајот „Детонатор“.

– Не мислам дека ова што го направиле за нив е спас и кога-тогаш тие ќе одговараат. Ако мислат дека на овој начин ќе ја заобиколат правдата се лажат. А тоа што го направија властите кај нашиот источен сосед не можам да кажам дека е умен потег и мислам дека нивната репутација е сериозно нарушена на меѓународната сцена, но тоа е нивна работа – рече Мицкоски.

Најави дека прашањето ќе биде покренато и на состаноците на НАТО.

– Ова ќе биде покренато и на состаноците на НАТО Алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО денес е прибежиште на осудени криминалци. Ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата. Но, исто така ова ќе биде покренато и кај нашите партнери во Европската Унија. Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да барат бугарски пасоши и преку нелегални премини да бегаат и да барат свое прибежиште таму – рече Мицкоски.

Поврзани содржини