ЗЕЛЕНИКОВО ДОБИ ГРАДИНКА, А ЌЕ ДОБИЕ И НОВИ УЛИЦИ Општината полека добива модерен изглед

Се работи на преиначување на објект за згрижување на деца од предучилишна возраст.

43

Општина Зелениково аплицираше со 3 проекти на првиот повик за користење на парите од унгарскиот кредит, а на вториот кој сѐ уште е во тек, ќе аплицира со 10 проекти.

Градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски, гостуваше во синоќешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува со вашиот градоначалник“ каде зборуваше за претходни и за идни активности на Општината.






– Наследивме долг од 12 милиони денари кон добавувачи за проекти кои не биле платени. Долгот кон добавувачите денес е вратен и можам да кажам дека општината функционира беспрекорно. Сѐ е на нула и сите долгови се вратени – истакна Маневски.

Тој појасни дека за жителите на Зелениково, главниот проблем било згрижувањето за децата од предучилишна возраст. Во изградба е нова градинка и се работи на доуредување на простор за згрижување на децата.

– Наш приоритет беше изградба на нова детска градинка. Со изградба на градинката, општината ќе добие јавна установа која ќе биде во нејзина надлежност. Кога зборуваме за децата, морам да напомнам дека отворивме и целодневен престој за деца од прво до трето одделение. Во однос на делот, кај граѓаните познат како „стара пошта“, ќе се преадаптира и ќе се направи во објект за згрижување на деца од предучилишна возраст – нагласи градоначалникот.

Во однос на реализираните проекти, Маневски ги издвои проектите кои се од патната инфраструктура.

– Пред извесен период беа реконструирани 3 улици во село Пакошево, се започнува со изградба на улица 10, во село Зелениково, односно за жителите позната како улицата која води до гробиштата, во истото населено место ќе се изгради детски парк, а се работи и на фекална канализација. Би ја спомнал и реконструкцијата на амбулантата, која е кофинансирана со Министерството за здравство, во износ од 7,5 милиони денари – рече Маневски.

Градоначалникот Маневски искажа благодарност кон Владата и премиерот за нивната заложба за подобрување на општините во делот на капиталните инвестиции, кои се од големо значење за општини кои се од руралните средини.

– Голема благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за програмата која ја спроведува и алоцирањето средства кон локалните самоуправи. За нас, како рурална општина, ова е многу значаен проект, кој ќе придонесе за развој и унапредување на животната средина. На првиот повик аплициравме со 3 проекти, а на вториот кој сѐ уште е во тек, ќе аплицираме со вкупно 10 проекти – потенцираше Маневски.

Поврзани содржини