ШУТО ОРИЗАРИ ДОБИ ГРАДИНКА ЗА 250 ДЕЦА Се градат уште 37 градинки низ земјата
Целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња што ќе бидат на листа на чекање за во градинка, рече премиерот Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, амбасадорите на Норвешка и на Швајцарија, Кристин Мелсом и Кристоф Сомер, денеска ја пуштија во употреба новата детска градинка „8 Април“ во Шуто Оризари, со капацитет за згрижување 250 деца.
– Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А тоа е да биде дом за дечињата што тука ќе може да го поминуваат своето детство, најубавите денови во својот живот. Ние како Влада, како што веќе слушнавте и од страна на претставниците на меѓународната заедница, почитуваните амбасадори, многу бргу ќе дадеме согласност за вработување кадар и на тој начин сето она што е инвестирано и направено ќе биде ставено во функција – истакна Мицкоски.
Тој изрази задоволство што повеќе нема да има листа на чекање во општина Шуто Оризари, односно капацитетите ќе бидат целосно исполнети, а до крајот на мандатот ќе нема листа на чекање во целата држава.
– Нашата цел е до крајот на мандатот да немаме воопшто листа на чекање во сите општини во државата. Ако бројката беше 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња што ќе бидат на листа на чекање. Мислам дека и порано тоа ќе го реализираме, но сè зависи од динамиката на изградба на објектите – истакна Мицкоски.
Тој им се заблагодари на амбасадорите на Норвешка и на Швајцарија за помошта за реализација на проектот, како и на градоначалникот и на Советот на Општина Шуто Оризари.
– Ќе може родителите да ги остават тука дечињата, ќе имаме кадар што ќе се грижи за нивното детство и за периодот од денот кога тие ќе престојуваат токму во оваа градинка – рече премиерот.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека речиси 25 милиони евра се децентрализирани од буџетот до општините за реализација на капитални проекти во претшколското образование.
– Речиси една и пол милијарда, ако не се лажам, милијарда и петстотини милиони денари или речиси 25 милиони евра се децентрализирани од буџетот кон општините за изградба, проширување, реконструкција, пренамена и на градинки – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Во Скопје во тек е реализација на 16, а вкупно во Македонија се градат 37 детски градинки.
– Значи, 16 се во фаза на изработка во Скопје, а 37 се на целата територија на земјата. И со тоа, како што реков, очекувам резултатот на крајот да биде да нема повеќе листи на чекање за дечињата – рече премиерот Мицкоски.