АДЕМИ ТВРДИ ДЕКА НЕ БИЛА ИЗДАДЕНА ЛАЖНА ЛИЦЕНЦА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА Од ДУИ најавија кривична за одговорните за трагедијата во Кочани

Ако некој, поточно државниот секретар зел пари за да издаде лиценца, истата ќе ја издал и ќе била евидентирана во Министерството, но и во регистарот на лиценци кој постојано месечно се апдејтира со најнови податоци, а таква лиценца не е евидентирана бидејќи не е издадена, тврди Адеми.

1,858

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми денеска соопшти дека во текот на следните денови партијата ќе излезе со целосна документација и докази за тоа кој, како и на кој начин дозволил да се случи грозоморната трагедија во Кочани.

ДУИ најави дека ќе поднесе пријава до Јавното обвинителство за покренување постапка за кривична одговорност за надлежните лица и институции.






– Одговорност мора да има, а во случајов ноторен факт е дека во март 2024 година министерот за економија Крешник Бектеши не дозволил да се издаде лиценца за тој објект, бидејќи објектот не исполнувал услови, лиценца нема во регистарот на Министерството, ниту администрацијата изготвила таква лиценца во 2024 година. А, зошто објектот до март 2025 година работел без лиценца, одговорот треба да се побара на местото каде мора да се бара и добие одговорност за оваа трагедија – рече Адеми на денешната прес-конференција во партиското седиште во Скопје.

Во Кочани како општина со 31.602 жители и само две места кои работат дејност ноќен клуб односно кабаре, Љупчо Папазов кој три години е градоначалник на Општина Кочани и надлежните од општината знаеле и биле должни да знаат дека фирмата „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани нема лиценца и не исполнува услови, додаде Адеми.

Според него, тврдењата дека некој од Министерството за економија издал лажна лиценца се целосна конструкција.

– Министерството за економија, токму поради фактот дека не биле исполнети условите за издавање лиценца и не била доставена потребната документација не издал лиценца. Ако некој, поточно државниот секретар зел пари за да издаде лиценца, истата ќе ја издал и ќе била евидентирана во Министерството, но и во регистарот на лиценци кој постојано месечно се апдејтира со најнови податоци, а таква лиценца не е евидентирана бидејќи не е издадена. Ако некој фалсификувал документ надвор од институцијата, одговорноста е на поединецот или групата кои го сториле истото и одговорност мора да има – рече тој.

Поврзани содржини