Има ли ЕУ џокер во ракавот?

Веќе ретко кој изразува сомневање во фактот дека американскиот претседател Доналд Трамп отсекогаш ја гледал ЕУ како противник, а не како сојузник.

645

Најважното прашање кое во Европа сега се поставува е дали може да им се верува на САД или не. Продлабочувањето на недовербата, всушност, постојано добива нови форми. Како свежа илустрација може да се посочи дека според деновиве објавените резултати од испитување на јавното мислење во најновата НАТО-членка, Шведска, по само една година од приемот во членството дури 70 отсто од шведските граѓани не веруваат дека САД ќе ги заштитат своите европски сојузници во случај на вооружен напад. Недовербата кон САД ја одразува вознемиреноста која владее пошироко во Европа во однос на тековните геополитички турболенции.

Веќе ретко кој изразува сомневање во фактот дека американскиот претседател Доналд Трамп отсекогаш ја гледал ЕУ како противник, а не како сојузник. За време на неговиот прв мандат, тој се обиде да ја предизвика Унијата преку трговска војна – обид што не успеа кога ЕУ возврати.






Но, сега, во неговиот втор мандат, тој се фокусираше врз поранлива точка ‒ единството на Европа околу Украина. Со делумното повлекување на американската поддршка за Украина, Трамп создаде безбедносна криза која открива длабоки пукнатини во 27-те членки на ЕУ. Во исто време се чини дека Трамп со задоволство гледа оти ЕУ има проблеми да се исправи застане на стабилни нозе.

Тоа јасно го покажува и американскиот однос кон врвот на ЕУ, како, на пример, во случајот на шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, која неодамна имаше состаноци во Вашингтон, но беше отворена понижена кога нејзината планирана средба со американскиот државен секретар Марко Рубио беше откажана. Калас притоа изјави дека Европа нема да може да помогне во изнаоѓањето решение во врска со Украина доколку не биде вклучена во разговорите со Трамп.

И еврокомесарот за трговија и економска сигурност неодамна отпатува во Вашингтон, со истите надежи како и Калас, дека ќе бидат слушнати неговите ставови, но наместо тоа, беше пречекан со ескалација на царинските закани на американскиот претседател. Обидите на еврокомесрот Шефчочвич да ја смири топката во САД со купување повеќе американски гас и намалување на автомобилските тарифи на ЕУ, во Вашингтон беа дочекани со рамнодушност.

Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека ќе ги игнорира институциите на ЕУ и наместо тоа ќе се фокусира на одделни нации и држави, доведувајќи ги една против друга во судир на интереси. Веќе нема никакво сомнение дека за Брисел пораката е јасна: Трамп не гледа никаква корист од преговорите со ЕУ доколку Унијата настојува да настапи како еден „заеднички“ европски глас. Наместо тоа, тој се потпира на стратегија на поделба и разидувања, како и на политичка игра со постојано кршење на правила од позиција на моќ.

Во услови кога американската администрација активно се спротивставува на ЕУ, европските лидери се принудени да бараат алтернативни решенија. Францускиот претседател Макрон и британскиот премиер Стармер истапија како клучни играчи во односите на Европа со САД – и тоа во исто време кога клучните институции на ЕУ стануваат сè помалку важни. Но, наместо да се заложат за заеднички решенија во Европа, Макрон и Стармер организираат свои дипломатски иницијативи, каде што се поканети земји како Турција и Канада – но се изоставени лидери во ЕУ за кои се смета дека имаат поинакви ставови кон Русија.

Во Брисел, всушност, расте свеста дека линијата на администрацијата на Трамп кон ЕУ е опасно блиска до интересите на Кремљ. Со поддршка на националистичките и евроскептичните сили во Унијата, Трамп се обидува да го отвори патот за пофрагментиран и ослабен европски модел на соработка – како заедница на лабаво поврзани држави, наместо обединета и силна унија.

За најпесимистичките набљудувачи во Брисел, пораката е јасна: Трамп сака да ја скрши ЕУ и на нејзино место да изгради нешто ново – послаба унија која е повеќе зависна од американското, и, потенцијално, дури и од руското влијание.

Личната аверзија на Трамп кон ЕУ, историски гледано, продолжува и се продлабочува. Тој во неколку наврати ја обвини Унијата дека ги користи САД во трговските договори и во повеќе наврати изрази незадоволство дека Европа ужива американска воена заштита додека едновремено одржува голем трговски суфицит со САД.

Но, за разлика од неговиот прв мандат, кога сè уште беше принуден да соработува со највисоките претставници на ЕУ, тој сега избра целосно да ги игнорира. Ниту претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, ниту претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, не добија можност да се сретнат со Трамп, откако тој повторно се всели во Белата куќа.

И покрај влошените околности за продуктивни преговори, при што по се изгледа администрацијата на Трамп ќе продолжи да прави се што може за да го доведе во прашање авторитетот на ЕУ и да ги искористи нејзините слабости, Брисел постепено открива дека сè уште има неколку „џокери“ во ракавот. Европската комисија го контролира огромниот буџет на ЕУ и може да возврати со воведување сопствени трговски бариери против САД, како што се веќе најавените царини за американското виски, фармерки и мотоцикли.

Но, се чини дека на другите институции на ЕУ им е потешко да се наметнат во големото глобално геополитичко прерасподелување на картите. Претседателот на Европскиот совет Коста и највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, ја чувствуваат несигурноста на сопствената позиција и мора да се борат за нивната релевантност во околности кои јасно укажуваат дека Трамп отворено им дава приоритет на билатералните односи со одделни земји, ставајќи ја ЕУ како целина во втор план.

Токму затоа најважното прашање за ЕУ моментно е дали може да им се верува на САД. Но парадоксална утеха, како што пишува „Политико“, сепак постои. Ако и Трамп и Путин ја гледаат ЕУ како закана која мора да биде ослабната, тоа значи дека Унијата сè уште има и го задржува своето незаобиколно влијание во глобални рамки.

Се разбира, ЕУ ќе мора да покаже сила за да се избори за својата глобална улога. По повеќегодишно ѕвонење на будилниците, ЕУ по се изгледа е веќе доволно разбудена за да дејствува. Во спротивно, како што неодамна, по безбедносната конференција во Минхен, рече еден германски воен експерт, никој веројатно не би сакал наредниот аларм кој ќе се слушне во Европа да биде сирена што предупредува на воздушни напади.

Поврзани содржини