Денови на безобразието

Некој ќе рече дека во кризни времиња се покажува вистинското лице. Ние, конечно, на 26 февруари, ако не и безброј пати претходно, ги видовме вистинските лица и на локалниве простаци но и на оние од европски формат. Главни актери на таа пиеса беа „славниот“ неврохирург во улога на „лидер“ на секта и едно безначајно човече во улогата на некаков амбасадор. Двајцата – катастрофални дилетанти, неуки и некултурни, самољубиви до гротескност – и смешни во нивните замислени ролји. И двајцата типичен пример на страотната пропаст на социјалдемократската идеја кај нас и во Европа, на прокоцканите шанси и уривањето на и понатаму актуелните интелектуални митови…

1,750

Немам никакви дилеми дека задвчерашниот ден – 26 феврури (но и останатите неколку после него) –треба да се прогласи за национален празник на срамот, или Ден на безобразието. И тој ден, како и главните актери, ќе треба да останат запишани во македонските анали на бесрамното однесување, на непристојноста, дрскоста, безочноста… И тој ден, де факто, лицата си ги покажаа и еу, дел од нејзините амбасадори во земјава, претседателот на сектата викана сдсм (малите букви се…), и многу други. И бидејќи тие немаат срам, ние ќе се срамиме за нив!

Зашто, да се појави францускиот амбасадор  во земјава Кристоф Ле Риголе и да држи лекции за нешта за коишто е целосно неинформиран, а патем и тотално не ги разбира, да се плетка во суверени одлуки на Владата, да коментира на недостоен начин како Македонија гласала во ОН и нешта што не се негова работа… е скандал без преседан. И не само тој туку, како што вели соопштението, и неколкумина други еу амбасадори! Па згора на сѐ, да се јавуваат и во опозициската секта којашто, очигледно, многу им прираснала на срцето, па наместо од премиерот и Владата – ако било навистина неопходно! – да барааат некакви „објаснувања“ е крајно вулгарно, некултурно, неевропски.






Впрочем, ако баш сакате, каква е во случајов разликата на односот на еу кон Македонија од односот на САД кон оној Зеленски, а што толку се критикува во нежните „високи“ европски кругови? Па и кај нас?

И веднаш по дотичниот амбасадор во јавноста се појавува и „лидеро“ на нивната омилена опозициска секта за да ја кара Владата за неодговорно однесување, за „импровизации во надворешната политика“, за некакво „продлабочување на конфузијата“ со тоа што прифатила да бидеме коспонзори на американската резолуција – иако САД се стратешки партнер на Македонија а не било кој, нели! – што пак апсолутно заличува на здружен удар против власта, на синхронизиран упад во сувереноста на државата во носењето одлуки…

Затоа и мислам дека тој ден мора да се одбележи на соодветен начин како ден кога дефинитивно паднале маските не само од лицата на тие грст непристојни амбасадори туку и од целата еу, а особено од „ликот и делото“ на „лидеро“ и неговата провинциска секта. Зашто, да беа барем тој и неговата врхушка малку поцивилизирани, ќе му кажеа на тој смешен Ле Риголе дека се плетка во работи што не му доликуваат и ќе му спуштеа слушалка.

Ама, Оската на Злото мора во јавноста да покаже дека е жива?

Но сепак е во слободен пад, нели? Сите оние квази-социјалдемократи и лажни либерали, онаа европска политикантска багра која и понатаму живее во некој свој империјален сон. Ударите доаѓаат и однадвор и одвнатре, новиот геостратешки поредок добива лице, а еу е неговата опачина. Онаа грдата, лошата. Зашто,. гледајте на какви „тенки жици“ игра тој Ле Риголе, на пример: „целта на европската дипломатија е да се одржи унитарноста и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години“! Која црна унитарност? Па не беше само Македонија коспонзор на Резолуцијата на САД туку и Унгарија, полноправна членка на еу. И впрочем, дали овој политикант, како ехо на заканите на еу, навистина, после сѐ што ни приреди неговата држава и еу, воопшто треба да има право на глас овде?

Но тоа човече дури и се осмелува да спомне нешто – демек важно! – „за територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик. Тоа е тема што бара единствен европски одговор“. Па кој и каков е тој „единствен европски одговор“? Бугари во Уставот, промена на името, откажување од историјата, од антифашизмот…? Какви се, по ѓаволите, овие неуки луѓе кои божем ја претставуваат Европа овде? И за која и каква „европска дипломатија денес“ воопшто може да стане збор после сѐ што таа еу ѝ го приредува на Македонија? И за каква унитарност говори овој човек кога Унгарија – и не само таа – е главен европски сојузник на Трамп? Но и Израел, нивното милениче, за чиишто геноцидни операции не смеат ни да писнат.

Некој ќе рече дека во кризни времиња се покажува вистинското лице. Ние, конечно, на 26 февруари, ако не и безброј пати претходно, ги видовме вистинските лица и на локалниве простаци но и на оние од европски формат. Главни актери на таа пиеса беа „славниот“ неврохирург во улога на „лидер“ на секта и едно безначајно човече во улогата на некаков амбасадор. Двајцата – катастрофални дилетанти, неуки и некултурни, самољубиви до гротескност – и смешни во нивните замислени ролји. И двајцата типичен пример на страотната пропаст на социјалдемократската идеја кај нас и во Европа, на прокоцканите шанси и уривањето на и понатаму актуелните интелектуални митови…

Тие и таквите како нив дури и не можат, немаат капацитет да ја разберат улогата и стратегијата на Трамп зашто се крајно закостени во умот и познавањата. И затоа шамарите им доаѓаат пребргу, пресилно, преточно. И токму тие се „залутаниот играч“ на меѓународната сцена, оние дунстери кои не умеат да ја согледаат „вистинската вистина“ и поразот што им тропа на врата. Ако за нашион неврохирург и можеме да најдеме разбирање бидејќи настојчиво, по некаков диктат, се обидува да плива контра струјата – а кутриот воопшто и не умее да плива, не го научиле, иако е од Охрид! – оној другион залутан во дипломатијата не разбира дури ни што прави неговиот претседател кој упорно трчка на поклонение во Белата куќа.

И затоа, ако навистина треба да се говори за нечие неодговорно однесување, за „импровизации во надворешната политика“, за некакво „продлабочување на конфузијата“…, тие се денешнмото лице на еу и на дел од македонските политиканти. Па погледнете ја онаа „Калас во обалци“ како ја измаршираа од Вашингтон бидејќи и таму се обидува да држи антируски демонстрации и да ги оговара одлуките на новата американска администрација!

Речиси е неверојатно дека цела еу – со мали исклучоци – и понатаму се држи до силеџиските доктрини контра Русија, оние на „демократите“ Клинтон, Обама и Бајден, на методите на уцени, притисоци, корупција…, а потоа се чуди на директниот одговор од Москва. Којшто Трамп се обидува да го амортизира. Тие нам ни држат лекции за некаква pacta sunt servanda а се глуви и слепи за своите превземни меѓународни обврски, особено кон Русија. Како што е и еднакво неверојатно дека половина од дипломатскиот кор во Скопје заседнало на некаков состанок да ни држи лекции бидејќи не сме го правеле тоа за што сме зборувале (sic)! После речиси три децении нивно садистичко малтретирање и бескрајни лаги тие се осмелуваат да го кажат тоа?!

И за каква тоа „заедничка судбина“ говори полскиот амбасадор? Зарем ние имаме заедничка судбина само кога тоа им одговара ним? И за какви европски вредности? Кои се тие и каде се и кој ги претставува? Оваа и ваква еу, овие и вакви амбасадори?! И меѓу тие вредности беше и оној Шолц кој преку видео повик им сугерираше на македонските гласачи за кого да гласаат на последните избори за да има еу кому да се јавува? Па каде е сега таа „вредност“ викана Олаф Шолц, но и онаа викана „лидеро“? И како тоа „значајна загриженост“ меѓу овие дипломатски шушумиги предизвикува само едно македонско гласање во ОН а не и цела една „бела книга“ на европски малверзации, манипулации, шиканирања, поддржување криминал и корупција во Македонија?

И тогаш, навистина, кои акции зборуваат посилно од зборовите, пане Бримора?

 

извор: теодосиевскиуметност

Поврзани содржини