БУГАРИЈА И РОМАНИЈА ЦЕЛОСНО ВЛЕГУВААТ ВО ШЕНГЕН-ЗОНАТА Укинувањето на контролите почнува од 1 јануари 2025 година

Ова е историски момент. Бугарија и Романија конечно стануваат полноправни членки на Шенген-зоната, изјави унгарскиот министер за внатрешни работи, Шандор Пинтер.

148

Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ денеска донесе одлука за укинување на контролите на патниците на копнените граници на Бугарија и на Романија со земјите од Шенген зоната, од 1 јануари 2025 година.

– Ова е историски момент. Бугарија и Романија конечно стануваат полноправни членки на Шенген-зоната – изјави унгарскиот министер за внатрешни работи, Шандор Пинтер.






Според него, укинувањето на контролите на патниците, на внатрешните копнени граници меѓу двете земји и останатите членки на Шенген-зоната, беше еден од главните приоритети на унгарското претседателство со ЕУ.

– Денеска тоа го направивме реалност. Овој чекор ќе биде од корист не само за бугарските и за романските граѓани, туку и за ЕУ во целина – додаде Пинтер.

Бугарија и Романија беа примени во Шенген-зоната на 31 март година, но притоа беа укинати само контролите на внатрешните воздушни и водени гранични премини, додека и натаму останаа во сила проверките на лицата кои ги минуваа копнените граници меѓу двете земји и останатите Шенген држави.

Во одлуката на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ, за целосно укинување на копнените гранични контроли, се наведува дека од нивното пристапување кон Унијата, Бугарија и Романија применуваат делови од правната регулатива на Шенген-зоната, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на контролите на надворешните граници, полициската соработка и на користењето на шенгенскиот информациски систем.

Шенген-зоната е најголемата област на слободно движење на стоки и на патници во светот. Таа е воспоставена во 1985 година со укинување на граничните контроли меѓу Белгија, Германија, Луксембург, Франција и Холандија. Денес правилата за слободно движење во Шенген зоната важат во 29 земји – сите членки на ЕУ со исклучок на Ирска и Кипар, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија – и таа се протега на територија на која живеат 420 милиони луѓе. Кипар официјално е дел од областа, но контролите на неговите внатрешни граници кон ЕУ се уште не се укинати, додека, пак, Ирска воопшто не е членка од Шенген зоната.

Поврзани содржини