Општина Карпош може да ја напушти Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) поради големи притисоци од страна на централната власт, соопшти денеска градоначалникот на општина Карпош на денешната прес конференција, Стевчо Јакимовски.
– Причини за напуштање на ЗЕЛС има многу. ЗЕЛС ги премолчи сите притисоци што ги трпиме од министрите од оваа влада. Не сум прв пат градоначалник. Но, ова е невидено што го прават министрите од владата на Мицкоски. Не знам дали е по негова директива, или не е, но гледате што прават со градоначалникот на Струмица. Градоначалникот да имал чиста вода за пиење. Министерот си ја решил ситуацијата во земјоделието, па се фатил со детено „водата, па водата“. Наместо да му помогне како министер, видете што прави. Што прават со мене тука? Министерот за транспорт вика јас не потпишувам планови додека сум министер и уште се фали дека со новиот закон му се зголемиле ингеренциите – рече Јакимовски.
Тој рече дека Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, побарал да се сретнат и да разговараат.
– Да, сакам да се сретнеме и треба да се сретнеме, затоа што вака не можеме да функционираме – изјави Јакимовски.
Тој јавно го праша министерот за транспорт дали одат кон Брисел или кон Москва?
– Ако одите кон Брисел, вие треба да ги намалувате дискреционите права, а не да ги зголемувате. Ако одите кон Москва, тогаш ќе функционирате со декрет. Министерот за внатрешни ни пушта кривични, на апсолутно чист предмет, а од друга страна гледате дека се пуштаат бандити од затвор. Од друга страна, прв пат во 47 години се случи да не се гласаат програми, да не се гласа Буџет и тоа од оваа партија на власт. Кое племе е ова? Од каде дојдоа? Да не се гласаат програми за работа. Ај што не ги гласаат, туку кога ќе ги изгласаме, ги обжалуваат во инспекторат и вршат притисок да донесат одлука каква што тие сакаат. И мислат дека ние сето тоа треба да го трпиме. Министерот за локална самоуправа го гледа сето тоа и си ќути. ЗЕЛС гледа како не се гласаат програми на колеги кои не се од негова партија. И ние треба да останеме во таа институција и да функционираме? Затоа претседателот на ЗЕЛС не треба да биде од истата партија за да ги штити интересите на локалната самоуправа – рече тој и додаде дека сите амбасади треба да бидат запознаени дека оваа власт функционира како разулавена.