ПРЕКУ ХРВАТОТ РЕСЛЕР, ЕУ ЌЕ КОМУНИЦИРА СО МАКЕДОНИЈА Заменик му е Ивајло Влчев од Има таков народ
Делегацијата на Парламенотот за односи на Европската Унија и Северна Македонија ќе има посебен фокус на помош во приближување на земјата до Европската унија, а Реслер ќе копретседава со Мешовитиот парламентарен комитет.
Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент Карло Реслер (ХДЗ/ЕПП) вчера е избран за шеф на делегацијата на Парламенотот за односи на Европската Унија и Северна Македонија, се наведува во соопштението од кабинетот на европратеникот. Во него се потсетува дека – како тело формирано врз основа на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија – Делегацијата има клучна улога во обликувањето на односот меѓу Европскиот парламент и Собранието на Република Северна Македонија, објави Дојче веле.
Делегацијата ќе има посебен фокус на помош во приближување на земјата до Европската унија, а Реслер ќе копретседава со Мешовитиот парламентарен комитет. За потпретседатели на Делегацијата се избрани неговата сонародничка Билјана Борзан (С&Д) и Бугаринот Ивајло Влчев од Има таков народ (ИТН).
Во соопштение се потсетува и дека Северна Македонија е кандидат за европско членство уште од 2005 година.
„Нејзиниот европски пат е обележан со напнати односи со соседите и политички застои, поради кои за почеток на преговорите чека подолго од која било друга земја. Поранешната југословенска република е членка на НАТО, а Европската унија е нејзин клучен трговски партнер, кој опфаќа повеќе од 75% од извозот на земјата и над 50% од увозот на земјата“, се наведува во описот за земјава.
Реслер во негова изјава по изборот, ја потенцира посветеноста на РСМ на европскиот пат.
„Северна Македонија ја покажа својата силна посветеност на европскиот пат и покрај сите политички предизвици со кои се соочува. Нашата цел е активно да придонесеме во напорите на Северна Македонија во јакнење на нејзините институционални капацитети и подготовка за полноправно членство во Европската Унија. Тоа вклучува и системско продлабочување на постоечките економски, научни и инфраструктурни врски со државите-членки. Во време на сè поизразени геополитички турбуленции, таквата сеопфатна соработка, европскиот ангажман и безбедноста на југоистокот на Европа ќе бидат поважни од кога било“, изјавил Реслер.
Како што е веќе познато, во 13-члената парламентарна делегација ЕУ-Северна Македонија се четворица бугарски европратеници: Андреј Ковачев (ГЕРБ), Кристијан Вигенин (БСП), Ивајло Влчев (ИТН) и Христо Петров (ПП-ДБ).