📷 НЕ Е СÈ ИЗГОРЕНО, МОЖЕ ДА СЕ СПАСИ ДЕЛ ОД МЕТАЛНАТА КОНСТРУКЦИЈА Сета среќа што нема повредени, вели министерката за култура

Министерката за култура открива дека разговарала со инвеститорот на објектот и според неговите информации металната конструкција не е премногу оштетена и дека може да се спасат одредени делови.

1,243

Во моментов не може да се процени колкава е штетата од пожарот во Универзалната сала, но среќни сме поради тоа што нема повредени лица, вели за Плусинфо министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа открива дека разговарала со инвеститорот кој е ангажиран за реновирање на објектот и дека според неговите информации металната конструкција не е премногу оштетена и дека може да се спасат одредени делови.






– Чекаме да заврши гаснењето на пожарот и потоа да разговараме со командирот на противпожарната бригада Звонко Томески и ќе се види причината за избувнување на пожарот – вели Костадиновска-Стојчевска.

Пред салата е присутен и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски кој заедно со вработени во општината им дели вода и благо на пожарникарите.

Тој за Плусинфо изјави дека Општина Центар испратила две цистерни со вода, како и пајак-служба која ги отстранува возилата кои се паркирани близу Универзалната сала.

– Не постои опасност по другите објекти во близината. Според првичните информации немало никој во зградата. Апелирам граѓаните да го избегнуваат овој дел од градот додека трае интервенцијата. Исто така апелирам да не се шират шпекулации додека да се добијат официјални информации што е причината за пожарот – додаде Герасимовски.

Пожарот веќе е ставен под контрола. Во Универзална сала во тек беа работи за нејзино реновирање.

Министерството за култура соопшти дека се одложува настанот на ресорната министерка Бисера Костадиновска –  Стојчевска која требаше денеска да направи увид во градежните работи на објектот на Турскиот театар во Скопје поради избувнувањето пожар во Универзалната сала.

 

Поврзани содржини