ФАТЕН НА ДЕЛО ДОДЕКА ПРАВЕЛ ДЕПОНИЈА ВО КИСЕЛА ВОДА Ѓорѓиевски најави камери и нулта толеранција за фрлањето отпад
Инспекторите на Град Скопје доцна синоќа затекнале лице како остава градежен шут и кабаст отпад околу контејнери во Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека лицето веќе е санкционирано, а следниот чекор треба да бидат камери на јавните површини.
Доцна синоќа, додека градските инспектори биле на терен, кај контејнерите во Кисела Вода затекнале човек кој со градежен шут и кабаст отпад создавал дива депонија. Случајот, според објавата на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, завршил со санкција.
„Истото е веќе санкционирано. Додека нашите екипи деноноќно работат за почист град, поединци го уништуваат сработеното и ја загадуваат околината во која сите живееме.“
Ѓорѓиевски најави дека инспекторите ќе продолжат да бидат на терен 24 часа, а во тек е и постапка за поставување камери на јавните површини. Намерата е прекршителите побрзо да бидат откривани и санкционирани.
„Таквата неодговорност нема да помине без санкција. Јасно кажав и останувам на зборот – нулта толеранција за секој што ги претвора јавните површини во депонии и го загрозува здравјето на граѓаните.“
Инспекторатот на Град Скопје меѓу своите надлежности има контрола на управувањето со отпадот, а комуналните редари вршат и контрола и санкционирање физички лица за прекршувања поврзани со јавната чистота.
„Скопје е наш заеднички дом. Да се однесуваме одговорно“, напиша Ѓорѓиевски.
