АРГЕНТИНЕЦ И СРБИНКА ПОБЕДИЈА НА ТУРНИРОТ ВО ПИНГ-ПОНГ Заврши Зегин Опен 2023

57

Заврши Меѓународниот турнир во пинг-понг Зегин Опен 2023 кој изминатиот викенд се одржа во Берово. Победници на турнирот на кој учествуваа околу 200 натпреварувачи од 12 земји се Аргентинецот Франциско Санчи и Србинката Анета Максути кои беа најдобри во апсолутна категорија.

Во рамки на последниот ден од турнирот се одиграа натпреварите во кадетска и јуниорска конкуренција каде како најдобри се покажаа Белорусинот Никон Шутов и Бугаринот Милан Жеков, додека во женска конкуренција славеа Белорусинките Тимашкова и Жатко.






Оваа година, како што истакна Роберт Николов од организациониот одбор на турнирот, наградниот фонд беше двојно зголемен за разлика од минатата година и изнесуваше 10.000 евра.

– Од минатата година растеме како што растат и средствата. Имавме пет држави, оваа година учесници од 12 држави, годинава имавме околу 200 спортисти натпреварувачи. Се надеваме следната година ќе растеме со турнирот, ќе дојдат уште повеќе учесници – рече Николов.

Честитајќи им на сите победници, спонзорот Благој Механџиски – Зегин, рече дека со самиот факт што во една од конкуренциите победил најмалиот е доказ дека иднината на пинг-понгот е во младите.

– Поздрав до сите 12 земји и преку 190 учесници. Поминавме успешно со преголем број гледачи на настанот кој се пренесуваше во живо на Јутјуб. Посебна радост е тоа што најмалиот ја освои најголемата награда, што значи дека успехот и иднината е во младите и затоа ние не жалиме за средства, продолжуваме догодина со повеќе искуства, со поголем награден фонд – рече Механџиски.

Благој Механџиски најави дека наградниот фонд следната година ќе биде уште поголем

За победникот во јуниорска конкуренција Никон Шутов од Белорусија ова беше успешен турнир.

– Последниот натпревар со колегата од Србија беше доста тежок, се помачив, но успеав да преовладам во однос на резултатот – истакна победникот во јуниорска конкуренција.

Вистинско изненадување на турнирот приреди 13-годишниот Милан Жеков од Бугарија кој победи во кадетска конкуренција совладувајќи далеку покорпулентни противници од себе.

– Сега ќе полнам 13 години, играм од пред 2,5 години, а според мене тајната на победата е да тренираш напорно и да бидеш постојан во својата игра – рече младиот Жеков.

Зегин Опен 2023 започна со натпревари во ветеранска конкуренција на која учествуваа пинг-понгари од 40 до 70 години.

 

 

Поврзани содржини