ЖЕНА УАПСЕНА ПО ВРСКА СО УБИСТВОТО НА ТАТАРСКИ Таа му ја подарила експлозивната биста
Според медиумски извештаи, припадниците на обезбедувањето на манифестацијата побарале од осомничената да ја напушти просторијата пред детонацијата.
Една жена е уапсена во врска со смртта на познатиот воен известувач и блогер во Санкт Петербург Владлен Татарски, објави руската новинска агенција Интерфакс. Жената била апсена и претходно во врска со антивоените демонстрации во земјата. Како што се вели, таа на патриотска манифестација во кафулето Стрит фуд бар 1 му предала биста на Татарски, која подоцна експлодирала.
40-годишниот новинар и блогер Максим Фомин, кој пишуваше под псевдонимот Владлен Татарски, починал на самото место. Според руското Министерство за здравство, во експлозијата има уште околу 30 повредени лица. Според медиумите, кафулето наводно му припаѓа на Евгениј Пригожин, шефот на озлогласената платеничка група Вагнер.
Според медиумски извештаи, припадниците на обезбедувањето на манифестацијата побарале од осомничената да ја напушти просторијата пред детонацијата. Сведок тврди дека чуварите веќе се сомневале оти наводниот подарок би можел да биде експлозивна направа, но жената се пошегувала со воениот блогер кога излегувала и му ја подала бистата. Откако тој ја ставил бистата на маса, се случила експлозијата. Руската патриотска група, која го организираше настанот, соопшти дека презела безбедносни мерки кои „за жал се покажаа недоволни“.
Руското Министерство за надворешни работи сугерира можна вмешаност на Украина. Активностите на Татарски му донесоа омраза во Киев, изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова. Украински претставници категорично отфрлија вмешаност во атентатот.
Татарски, кој е роден во украинскиот регион Донбас, имал повеќе од 560.000 следбеници на Телеграм. Од 2014 година, тој како бунтовник се борел за независност на Донбас, а потоа започнал со блогирање. На својот блог, тој објавуваше видеа од она што се случува на фронтот во Украина и им даваше совети на младите руски војници како да се однесуваат во првите редови на фронтот.