БРИТАНЦИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА НАЈЛОШОТО „Тенковите не се она од што треба да се плашите“
Британската влада работи на нова верзија на Воената книга, збир планови што одредуваат што треба да направат властите ако Велика Британија е зафатена од војна или голема безбедносна криза, а на својот сајт на граѓаните им препорачува да се снабдуваат со флаширана вода и нерасиплива храна, како и со фенерчиња, радиоапарати, лекови и преносни полначи.
Британската влада ги ажурира плановите за функционирање на државата во случај на војна или големо нарушување на безбедноста, апелирајќи до граѓаните да бидат подготвени за нарушувања во секојдневниот живот и да имаат основни залихи од храна и вода дома.
Во Британија се поставува сè поотворено прашањето колку населението, по децении мир, е психолошки подготвено за можноста за сериозен конфликт, пишува денеска Би-Би-Си.
Началникот на британскиот Генералштаб, Ричард Најтон, оваа недела изјави дека поради заканата од Русија, земјата поминува низ најопасниот период од неговата 35-годишна воена кариера.
Британците ги обновуваат плановите за војна
Во последните месеци, британската влада брзо работи на нова верзија на таканаречената Воена книга, збир планови што одредуваат што треба да направат министерствата, државните служби и локалните власти ако Велика Британија е зафатена од војна или голема безбедносна криза.
Вакви планови постоеле за време на Студената војна, но по нејзиното завршување тие биле претежно архивирани. Владата сега ги преработува како дел од одбранбената програма на земјата, која има цел подобро да ги поврзе цивилните институции и војската во случај на меѓународен конфликт.
Најавена е голема вежба за 2027 година, која ќе го тестира одговорот на државата на хибридни напади.
Во исто време, британските власти им советуваат на граѓаните да се подготват за вонредни ситуации. Официјалната веб-страница на владата препорачува да се снабдуваат со флаширана вода и нерасиплива храна што не бара готвење, како и со фенерчиња, радиоапарати, лекови и преносни полначи.
Овие препораки не се однесуваат само на војна, туку и на прекини на електрична енергија и на вода, екстремни временски услови и други големи нарушувања.
„Тенковите не се она од што треба да се плашите“
Историчарката Маргарет Мекмилан предупредува дека потенцијалниот конфликт не мора да изгледа како класична инвазија.
– Тенковите не се она од што треба да се плашите – рече таа, наведувајќи го сечењето на подводните кабли и хакерските напади врз системи од кои зависат модерните нации како поголеми ризици.
Некои воени и безбедносни аналитичари веруваат дека голем дел од Западна Европа ја изгубил не само воената, туку и психолошката подготвеност за можноста за војна по завршувањето на Студената војна.
Пензионираниот британски генерал Ричард Ширеф, поранешен заменик-врховен командант на НАТО за Европа, ја спореди сегашната атмосфера со годините непосредно пред Првата светска војна, кога се зборувало за војна, но сепак на многумина им изгледало речиси незамисливо.
Британците гледаат кон Финска и Шведска
Би-Би-Си ги издвојува Финска и Шведска како примери за земји кои го вклучиле населението многу посилно во одбранбените подготовки.
Финска, која дели речиси 1.300 километри граница со Русија, има релативно мала професионална армија, но огромен резервен систем. Речиси еден милион Финци се на воена обука, а земјата може да мобилизира околу 280.000 резервисти на краток рок.
Шведска, од друга страна, има селективен систем за регрутирање. Младите се пријавуваат за воена служба, по што армијата избира дел од кандидатите за обука. Двете земји ја напуштија децениската политика за воено неврзување и се приклучија кон НАТО по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Генералот Ширеф верува дека Велика Британија ќе мора сериозно да разговара дали професионална армија од околу 70.000 луѓе може да одговори на идните закани и дали треба да се воведе некаков вид поширока воена обука или мобилизација.
Британската влада сè уште не објавила општа регрутација. Она што е потврдено е брзото ажурирање на националните планови за војна и кризи и зајакнувањето на отпорноста на цивилите во случај на инфраструктурни напади, кибер напади или други големи нарушувања.