МАКРОН СЛЕТА НА ФРАНЦУСКИТЕ ОСТРОВИ КОИ ТРАМП ГИ ОБОИ „Не мора секое утро да потврдуваме дека се наши“
Францускиот претседател пристигна на Сен Пјер и Микелон неколку недели откако Трамп објави мапа на која архипелагот беше покриен со американското знаме. Макрон оттаму порача дека статусот на француската територија е очигледен и дека нема потреба постојано да се потврдува.
Претседателот на Франција Емануел Макрон му одговори на шефот на САД Доналд Трамп од самото место што неодамна Трамп го смести на американската мапа.
Францускиот претседател пристигна на Сен Пјер и Микелон, мал француски архипелаг крај канадскиот брег, каде денес треба да се сретне со канадскиот премиер Марк Карни.
Неколку недели претходно Трамп објави мапа на која Канада, Гренланд, Исланд, Мексико, Централна Америка, Карибите и француски територии, меѓу кои Сен Пјер и Микелон, беа прекриени со американското знаме и означени како „Соединети Американски Држави“. Франција тогаш не реагираше јавно.
Макрон сега одговори директно од архипелагот.
– Тоа е француска територија и таа е поврзана со Франција. Нема секое утро да го потврдуваме тоа само затоа што некои луѓе имаат чудни идеи или зборуваат чудни работи – изјави Макрон.
Единствена француска територија во Северна Америка
Сен Пјер и Микелон се наоѓа крај атлантскиот брег на Канада и е единствената преостаната француска територија во Северна Америка. Таму живеат околу 5.800 луѓе, а посетата на Макрон е прва на француски претседател по Франсоа Оланд во 2014 година.
Париз на посетата ѝ дава и поширока стратешка тежина. Француското претседателство ги издвојува присуството во северниот Атлантик, близината до САД и Арктикот, поморскиот суверенитет и соработката со Канада.
Карни доаѓа кај Макрон
Канадскиот премиер Марк Карни денес треба да му се придружи на Макрон на архипелагот. Двајцата ќе разговараат во период кога Канада ги продлабочува врските со Европската Унија, а односите со Вашингтон се оптоварени со трговски спорови.
Макрон од Сен Пјер и Микелон заминува за Њујорк, каде ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.