МАКЕДОНСКИ ФИЛМ ГО ОТВОРИ „БРАЌА МАНАКИ“ Човекот зад „John Wick 4“ денеска држи мастер-клас во Битола
Меѓу годинашните лауреати е и Џеф Кроненвет, долгогодишниот соработник на режисерот Дејвид Финчер и директор на фотографија на „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. Тој ја доби Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума синоќа во Битола почна 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Годинава два македонски филма се меѓу 12-те во конкуренција, а со домашно остварување фестивалот ќе биде и затворен.
Фестивалската програма денес продолжува со едно од најзвучните светски имиња во Битола. Дан Лаустсен, кинематограферот зад „John Wick“ и „John Wick 4“, во 10.30 часот во киното „Манаки“ ќе одржи мастер-клас за создавањето на филмската слика.
Лаустсен синоќа ја доби Специјалната Златна камера 300 за животно дело, која му ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
– Во 1969 година ја купив првата камера, подоцна патував низ светот целиот мој живот и мислам дека оваа уметност која ја правиме снимајќи филмови е мошне респектабилна – рече Лаустсен.
Финчеровиот кинематографер награден во Битола
Меѓу годинашните лауреати е и Џеф Кроненвет, долгогодишниот соработник на режисерот Дејвид Финчер и директор на фотографија на „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. Тој ја доби Специјалната Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Кроненвет го издвои „Браќа Манаки“ како фестивал кој им дава простор токму на луѓето зад камерата, но и на новите генерации што допрва влегуваат во кинематографијата.

– Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал, место каде што ќе можат да креираат контакти, пријателства и размена на искуства. Фестивалот ‘Браќа Манаки’ ја одржува оваа традиција жива и ги поврзува генерациите во време кога технологијата ги менува начините на работа – рече Кроненвет.
Во Битола допатува и Јануш Камински, добитникот на Златна камера 300 за животно дело во 2020 година. Тој ја поздрави публиката и рече дека наградата од фестивалот и денес стои меѓу признанијата во неговиот дом.
Арсовски награден, 55 години на филмското платно
Големата ѕвезда на македонскиот филм годинава му припадна на актерот Петар Арсовски. Наградата му ја врачи претседателката на Друштвото на филмските работници на Македонија, Марија Димитрова.
– Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите кои издржаа со мене 55 години да ја создаваме македонската кинематографија – рече Арсовски.
Свеченото отворање мина и со музички перформанс под диригентство на Џијан Емин и настап на „БитВокс“.
Фестивалот ќе го затвори македонскиот дебитантски долгометражен филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ.