„ЧИЈА СИ“ – ЖИВОТНАТА И МУЗИЧКА ПРИКАЗНА НА СЛАВЕ ДИМИТРОВ Насловот на книгата е името на еден од најпрепознатливите македонски музички евергрини

Мелодијата за „Чија си“ Славе Димитров ја создал во Битола во 1969 година, а две години подоцна песната се прославила на фестивалот „Скопје 71“. Сега е наслов и на неговата авторизирана биографија од Максим Ристески.

1

Една од најпознатите македонски евергрин-песни, „Чија си“ на Славе Димитров, има интересна приказна за својот настанок. Мелодијата била создадена во Битола во 1969 година, но речиси две години останала без текст и наслов. Денес, токму нејзиното име е наслов на новата авторизирана биографија за композиторот, пејачот и музичкиот продуцент, напишана од Максим Ристески.

Димитров ја компонирал музиката во родната Битола, а потоа ја оставил настрана. Подоцна му ја отсвирел на Благој Стефановски, кој го напишал текстот и ѝ дал зборови на мелодијата што веќе постоела.






Песната првпат била изведена на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје 71“, во две верзии – едната во интерпретација на Славе Димитров, а другата на хрватскиот пејач Крунослав Киќо Слабинац. Композицијата ја освоила втората награда од публиката, а со текот на времето прераснала во еден од најпрепознатливите македонски музички евергрини. Нејзината популарност не се задржала само кај генерацијата што ја слушала во седумдесеттите години, туку продолжила и кај публиката што се родила многу подоцна.

Приказната за песната сега добива ново поглавје со книгата „Чија си“, авторизирана биографија на Славе Димитров од Максим Ристески, објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата го следи животниот и музичкиот пат на Димитров – од детството во битолската населба Генимале до неговото место во историјата на македонската забавна музика. Преку лични искуства, сеќавања и творечки предизвици, авторот се обидува да го прикаже и човекот зад песните што со децении живеат во колективната меморија.

Ристески е новинар, копирајтер, текстописец и сценарист, а има и музичко и ликовно искуство. Пред книжевната кариера бил дел од групата „Нулта позитив“, во која членувале и Дарко Димитров и Дарко Стефановски – Мече. Но неговиот животен пат имал и необичен пресврт: на 21-годишна возраст се замонашил и поминал 11 и пол години во монашкиот живот. Престојувал во манастирите во Вељуса, Водоча, Берово и Марковиот манастир кај Скопје, каде што станал игумен. По напуштањето на монаштвото, се посветил на семејството и повторно на пишувањето, а досега ги објавил романот „Пештера“, збирката раскази „Нешто трето“ и романот „Ништо“.

Објавувањето на биографијата се совпаѓа со неколку значајни јубилеи. Славе Димитров годинава наполни 80 години, се одбележуваат шест децении од почетокот на неговото творештво и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“. Насловот на книгата затоа не е само потсетување на неговиот најпознат хит, туку и симболичен влез во една музичка епоха чии мелодии и денес се препознаваат по првите неколку такта.

Книгата „Чија си“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн. Таа нуди можност публиката да се наврати на песните што го одбележале македонското музичко минато, но и да дознае повеќе за авторот кој стои зад нив.

Поврзани содржини